Хорор во Ченто: Детенце завршило во болница откако се боцнало на искористена игла и шприц играјќи си во парк

420

Насекаде се расфрлани искористени шишенца со метадон, ампули, игли и шприцови во и околу руинираниот објект на поранешниот Дом на културата „11 Октомври“ во Ченто, меѓу мештаните познат како Домче. Сања Даневска, родител на две малолетни деца, на Фејсбук сподели дека на 9 август се случил немил настан со епилог – едно детенце завршило во болница откако било во контакт со игла и шприц од корисник на дрога. Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, изрази жалење за немилиот настан и вели дека веднаш издал налог да се исчисти просторот во и околу Културниот дом

Насекаде се расфрлани искористени шишенца со метадон, ампули, игли и шприцови во и околу руинираниот објект на поранешниот Дом на културата „11 Октомври“ во Ченто, меѓу мештаните познат како Домче. Станари од блиските згради постојано реагираат надлежните да го исчистат опасниот отпад што го оставаат наркоманите, кои се кријат во руината и во паркот, бидејќи се опасност за децата што играат надвор.

 

Сања Даневска, родител на две малолетни деца, на Фејсбук сподели дека на 9 август се случил немил настан со епилог – едно детенце завршило во болница откако било во контакт со игла и шприц од корисник на дрога.

– Пред некој ден, едно од две малолетни дечиња од само 7 години, ненамерно, во близина на влезот на зградата што гледа кон задниот дел од Домчето, играјќи падна на шприц од корисник на дрога со инјектирање. Детенцето е повредено, т.е. се здоби убод од контаминираната, веќе употребена игла со шприц. Опасноста од настанат пренос на зараза е огромна, хепатит В и С, ХИВ и останати, по што се проследени терапии и понатамошен надзор на дечињата – вели Даневска.

За настанатата ситуација, таа го вперува прстот кон надлежните, кои досега требало да најдат чаре за Домчето, за кое вели дека е објект убиец.

– Нашите деца настрадаа од неспособноста на надлежните служби. Кој ли ќе ја преземе одговорноста?! Овој објект е убиец, да не дозволиме да остане вака како што е. Го повикувам градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, веднаш да излезе на терен, да најде решение и да преземе одговорност – вели таа.

Овој проблем трае со децении. Даневска посочува дека биле давани многу ветувања за решавање на проблемот со Домчето, кое е во паркот во населбата, отспротива на бензинската „Макоил“. Сега овој објект е целосно запуштен и претставува огромна закана за локалното население и за животна средина.

Градоначалникот Стефковски изрази жалење за немилиот настан и вели дека веднаш издал налог до Јавното комунално претпријатие да го исчисти просторот во и околу Културниот дом.

– Ќе упатам официјално писмено барање до Министерството за внатрешни работи за поголема ажурност и постапување. Јас, како градоначалник на Општина Гази Баба, ќе вложам максимални напори да не се повтори ова – наведе тој.

Стефковски вели дека проблемот со Културниот дом во Ченто, за жал, трае веќе со години и дека се прават напори, конечно, да се реши.

– По моето доаѓање во Општината пред девет месеци, се зафативме со решавање на повеќедецениските проблеми со кои се соочуваат граѓаните, меѓу кои и Културниот дом во Ченто. Иако проблемот е долгогодишен, со жалење констатирав дека во Општината не постои изработен проект. На почетокот од годината, од моја страна беше издаден налог за изработка на проект за реконструкција на Културниот дом во Ченто, кој, во фаза на идеен проект, беше доставен до Општината и потоа со забелешки е вратен за корекција и доработка. Штом се заврши изработката на основниот проект, ќе започнеме со изнаоѓање начини на финансирање на неговата реализација – нагласува Стефковски.

(С.Бл.)