Холивудските актери Вилијам Болдвин и Мајкл Медсен ќе глумат во втората сезона на една од најгледаните српски серии „Јужен ветер“, со Милош Биковиќ во главна улога, а преговорите со Моника Белучи се во тек, открива режисерот Милош Аврамовиќ. Токму филмот “Јужен ветар 2: забрзување“ исто така во режија на Аврамовиќ, деновиве има можност во киносалите да го види и македонската публика, а проекциите се проследени со голем интерес.

„Исклучително сум задоволен што Вилијам Болдвин и Мајкл Медсен ќе бидат дел од серијата „Јужен ветер“. Ова е прв пат по долги години толку големи и признати холивудски ѕвезди да учествуваат во некој српски проект. Соработката со нив е првиот чекор кон тоа да биде сосема нормално во иднина светските ѕвезди да се појавуваат во нашите серии и филмови“, изјави Аврамовиќ за српските медиуми.

Тој додаде дека двајцата веќе потпишале договори, а Моника Белучи најверојатно тоа ќе го направи наскоро.

„Многу преговараме со Моника и би било одлично доколку таа беше дел од тимот. Има многу фактори кои ќе треба да се усогласат, како што е времето на снимање и нејзините обврски. Планирано е таа да има неколку денови на снимање во Италија и неколку во Србија“, додаде Аврамовиќ. Тој откри и дека во продолжението на серијата Болдвин и Медсен ќе глумат американски агенти.

„Во серијата тие ќе ги штитат интересите на американската администрација, не само во Србија, туку и на Балканот. Планирано е да дојдат во Србија на пролет или почетокот на летото и постојано да снимаат овде, најмногу во Белград. Вилијам и Мајкл се исто така добри пријатели приватно, и двајцата се фантастични и многу ми е чест што се дел од нашиот тим“, заклучи Аврамовиќ.

Милош Биковиќ, пак, посочи дека во втората сезона од серијата ќе се појават и руски ѕвезди. “Наскоро ќе дознаеме кои актери ќе учествуваат во овој проект и ќе го направиме уште подобар и поголем“, изјави актерот.