Промоција исполнета со многу позитивни вибрации. Не само што блескаше самата Бојана во полн сјај туку блескаа и сите поканети гости, кои ја поделија радоста со неа. Заслужено! Но, искрено кажано, а и разбирливо дека е така, најмногу блескаше нејзиниот сопруг Васко, кој ѝ е најголема поддршка во нејзината работа, но и во животот

(Дуле Миќиќ / фото:П.Стојановски)

Поп-пејачката (и водителка, ТВ-новинарка) и двократна победничка на фестивалот „Макфест“, Бојана Скендеровски, сè уште згодна, не мирува, постојано е во движење, постојано знае пријатно да изненади. Не ја држи место. Викендов, таа направи вистинска гламурозна промоција на својата најнова, прекрасна песна „Среќа и несреќа“(со прекрасен видеоспот), во просториите на матичната продукција „Скендеровски“. И за среќа што ја имаме токму Бојана, која сериозно го сфаќа естрадниот шоу-бизнис кој кај нас овде со короната беше дотепан.

Бојана ја промени лошата ситуација, нејзината промоција личеше на оние светските со црвен килим по кој гордо се движеа гостите (познати пејачи, композитори, новинари, водители, манекенки, режисери, бизнисмени…), но и самата таа, видливо расположена и одлично дотерана за пригодата.

Со новата забавна песна што ја пее Бојана, освен на македонски, и на српски јазик, присутните гласно коментираа дека можела слободно да пее на Песна на Евровизија. Погодувате зошто? Непогрешливо чувство за евровизиски хитови има авторот Саша Милошевиќ-Маре, кој, инаку, е автор на евровизиската победничка песна „Молитва“, на времето испеана од Марија Мара Шерифовиќ. Саша и сега е доста актуелен, како шеф на жирито во мегапопуларното балканско ТВ-шоу „Никогаш не е доцна“ (Никад није касно).

Композиторот на оваа песна за Бојана притоа изјави дека „Бојана е одлична, дека Македонците имаат, што би се рекло, добар “извозен материјал“ и да ако не верувал во тоа што ќе го сработи со неа, не би ја ни започнал оваа музичка приказна. Самата Бојана, пред сите, не ја криеше својата дотогаш тајна желба, да запее на евровизиската сцена, и тоа само ако Саша Милошевиќ-Маре ѝ ја напише песната.
Промоцијата беше исполнета со многу позитивни вибрации. Не само што блескаше самата Бојана во полн сјај туку блескаа и сите поканети гости, кои ја поделија радоста со неа. Заслужено!                                                                                                        Но, искрено кажано, и разбирливо дека е така, најмногу блескаше нејзиниот сопруг Васко, кој ѝ е најголема поддршка во нејзината работа. Колку си се важни еден на друг и во работата и во животот, покажа тој кога пред сите ѝ подари огромен букет со сто и една црвена роза. Чисто онака, холивудски! Нема муабет, нема забелешки, само едно најголемо браво со многу воздишки и ракоплескања.

Како што почна промоцијата така и заврши, гламурозно. Секој гостин си понесе со себе соодветен мал подарок. Но, многу повеќе од тоа беа позитивните впечатоци и коментари за песната, за пеењето на Бојана и за вниманието што го покажа таа и кон медиумите, што е важна работа во оваа работа, вклучувајќи го тука, секако, и весникот ВЕЧЕР.