Адвокатот на ветераните Михаел Руперт изјави дека холандските војници биле испратени во „невозможна мисија“. „Државата ги испрати тие војници во невозможна мисија и таму ги напушти“, кажа адвокатот.

Тој претходно изјави дека на војниците за време на тие настани во Сребреница им била нанесена голема штета од телесна, психолошка и финансиска природа, како и на нивните социјални животи.

Пред 3 години околу 230 ветерани се собраа со намера да поднесат тужба против Холандија, но се откажаа минатата година кога министерката за одбрана Анк Бајлфелд најави истрага за причината за проблемите со кои холандските ветерани од Сребреница сè уште се соочуваат.

Иако министерката сè уште води разговори со работна група на поранешните мировници, одреден број ветерани имаат впечаток дека ништо конкретно не се презема, објасни адвокатот.

Во овој момент околу 20 војници планираат повторно да поднесат тужба против Владата на Холандија, а нивниот претставник очекува на групата да ѝ се придружат уште околу сто ветерани.