Холандија денеска одлучува за нов „локдаун“, болниците се преполни со ковид пациенти

56

Некои холандски болници го прекинале третманот со хемотерапија и трансплантацијата на органи за да ослободат кревети за интензивна нега за се поголемиот број пациенти со Ковид-19, соопштија официјални лица.

Здружението на холандски болници за витална нега соопштило дека побарале од министерот за здравство Хуго де Јонге да развие национален план за ковид-19 според кој редовната нега која бара ноќевања ќе биде откажана.

Бројот на пациенти заразени со коронавирус во болниците се искачил на рекордни нивоа, кои не се забележани од почетокот на мај, а експертите предупредиле дека болниците ќе го достигнат својот полн капацитет за нешто повеќе од една недела, доколку вирусот не биде ставен под контрола. Неделава неколку пациенти со ковид се пренесени во германските болници.

Реагирајќи на рекордно високите стапки на инфекција, водечкиот владин тим за управување со пандемијата свикале итен состанок и се очекува денеска да бидат објавени нови мерки за затворање.

Иако околу 85 отсто од возрасната холандска популација е целосно вакцинирана против Ковид-19, новите случаи достигнале рекордно високо ниво од 23.709 за 24 часа од вчера и се во пораст за речиси 40 отсто на неделна основа.

„Во неколку региони, болниците го намалуваат опсегот на нега“, рече портпаролот на здружението на болници. „Зборуваме за нега која бара кревет. Тоа значи дека многу прегледи се откажани.“

Според новата фаза од планот за одговор на кризи, болниците би можеле да побараат и помош од воен персонал и студенти за грижа за пациентите.

Од почетокот на пандемијата, Холандија има регистрирано повеќе од 2,5 милиони случаи и повеќе од 19.000 смртни случаи.

По укинувањето на повеќето мерки за социјално растојание кон крајот на септември, холандската влада повторно овој месец воведе носење маски и делумно затворање, а кафулињата и рестораните се затвораа во 20 часот.

Планот на владата да го забрани пристапот до јавни места за повеќето невакцинирани луѓе предизвика три ноќи насилни протести од минатиот петок, при што повеќе од 170 лица беа уапсени низ целата земја.