Холандија да не биде последен противник на ЕП 2020

91

Голема е веројатноста дека денешниот натпревар на ЕП 2020, против фаворизираната Холандија, ќе биде последен на репрезентацијата на Македонија на континенталниот турнир. Избраниците на Игор Ангеловски немаа многу среќа на претходните два натпревара од групната фаза. Против Австрија игравме одлично до 70 минута, но на крајот загубивме со 3:1, додека одличното второ полувреме против Украина беше доволно за да доживееме минимален пораз од 2:1.

Македонија и понатаму има теоретски шанси за да се пласира во 1/8 финалната рунда, но потребна е убедлива победа против Холандија и тоа сред Амстердам. Популарните „лалиња“ веќе запишаа две победи и обезбедија пласман во следната рунда, а тоа значи дека селекторот, Франк де Бур, против Македонија ќе им даде шанса на тие фудбалери кои имаа мала минутажа или пак натпреварите против Украина (3:2) и Австрија (2:0) ги следеа од клупата за резервни фудбалери.

  • Треба да ја играме нашата игра и да продолжиме со одличните партии на овој турнир и време е да ја израдуваме нацијата со една победа. Одигравме два солидни меча, но неискуството ни направи проблеми. Затоа треба почесто да бидеме на вакви натпреварувања. Треба да покажеме дека заслужено дојдовме на овој шампионат и настапот да го завршиме со победа, изјави одличниот играч за врска, Елиф Елмас.

Неговиот колега од дефанзивната линија, Висар Муслиу, додаде дека само со тимска игра може да се изненади репрезентацијата на Холандија.

  • Без разлика на поразите, ние сме мотивирани, професионалци сме, ние овде ја преставуваме Македонија. Сите добро го знаеме стилот на игра на Холандија, за тоа воопшто не треба да се трошат зборови. Само со тимска одбрана и тимски дух, она што е наша карактеристика, можеме да ги спречиме налетите на Холандија, изјави Муслиу.

Дуелот против селекцијата на Холандија, која е лидер во групата „Ц“ со шест бода, ќе се одигра на „Амстердам арена“ со почеток во 18:00 часот. Во исто време ќе стартува и дуелот помеѓу репрезентациите на Австрија и Украина, кои имаат по три бода.