Хаџиу: Автобусот пред да замине од Турција беше на сервис и се беше во ред

115

Сопственикот на „Беса транс“ Беким Хаџиу во интервју за БНТ тврди дека автобусот што учествуваше во несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија, пред да замине од Турција бил на сервис и се било во ред. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Хаџиу ја отфрлил можноста некои од патниците да внеле во автобусот запаливи материи.

Хаџиу потврди дека тој и неговото семејство биле дел од екскурзијата во Истанбул, но патувале во другите автобуси. Неговите деца биле во последниот автобус.

Опожарениот автобус бил произведен во 2007 година, но бил купен од пред околу три години. Според сопственикот, досега немало технички проблем со автобусот.

Хаџиу кажа дека овој пат од Република Северна Македонија тргнале четири автобуси. На враќање од Турција, во автобусот кој се движел прв патувал сопственикот на фирмата и неговата сопруга. На бугарско-македонската граница, на излез од Бугарија, Беким Хаџиу дознал дека неговиот автобус излетал и со такси тргнал на местото на несреќата. Кога пристигнал, со часови останал на местото на настанот.

Беким Хаџиу одби да ја коментира верзијата за несреќата бидејќи истрагата е во тек. Но, рече дека три недели пред несреќата автобусот поминал на технички преглед во С Македонија. Дополнително, пред секое патување, сите возила на компанијата „Беса транс“ поминуваа низ сервис.

– Пред да тргнеме за Турција ги сервисираме, контролираме, па дури и кога ќе стигнеме до Истанбул и таму одиме на сервис да ги проверат, превезуваме патници, да видиме каква е ситуацијата. Се беше во ред и таму кога таму бевме на сервис, и кога има ни кажуваат и веднаш да го поправиме, објасни сопственикот на „Беса транс“.

Тој негира дека во автобусот имало туби со гориво бидејќи бензинот што го наполниле во Истанбул бил доволен за да стигнат до Скопје, а потоа да се вратат во Истанбул. Поради темелните проверки на бугарските граници, тој ја исклучува можноста патник да внел запалива материја.

– Во секој автобус има туби, но со вода, секој автобус мора да ги има за секој случај. Ова е резервна вода. Има строга контрола на влез во Бугарија, багаж, возач, сè што се превезува, рече Хаџиу.

Сопственикот на „Беса транс“ кажа и дека возачите на автобусот биле многу искусни професионалци кои многупати ја поминувале оваа релација. Хаџиу објасни дека за оваа 12-часовна рута биле доволни двајца возачи. Тие строго ги почитувале часовите за одмор. Потврди дека автобусот имал фабрички ограничувања и не можел да крене повеќе од 100 км/ч.

БНТ интервјуто со сопственикот на „Беса транс“ го направи во канцеларијата на неговиот адвокат во Софија. Беким Хаџиу рече дека досега не зборувал за медиумите бидејќи е шокиран од тоа што се случило и затоа е во Бугарија да им помогне на истражителите на кој било начин да ги утврдат причините за несреќата во која на 23 ноември загинаа 45 лица.