Хасани на вебинар „Ковид-19 – Улогата на вооружените сили во поддршка на цивилното општество”

27

Заменик-министерот за одбрана, Башким Хасани, денеска учествуваше на вебинар „Ковид-19 –Улогата на вооружените сили во поддршка на цивилното општество” во организација на Командата на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG) на која учествуваа претставници од шесте земји членки на SEEBRIG и од Министерството за здравство.

Во своето обраќање, како што соопшти Министерството за одбрана, заменикот министер Хасани потенцирал дека Владата уште од самиот почеток на здравствената криза во 2020 година донесе цврсти мерки за ограничување и спречување на ширењето на вирусот со цел да се минимизираат ризиците и обезбеди соодветна заштита на нашите граѓани. Притоа тој истакнал дека Армијата во одредени ситуации 30 проценти од своите распоредливи способности ги ангажираше во поддршка на Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство и другите цивилни институции.

– За време на тековната пандемија Ковид-19, сведоци сме дека поддршката од цивилните средства и организации е многу важна, како и дека често е потребна поддршка и од Армијата  на цивилните власти. Во овој контекст, подобрената отпорност треба да се гледа како важен сегмент во нашите напори за подобрување на нашата безбедност и стабилност, рече Хасани.

Тој рече дека за подобрување на ефективноста и зајакнување на отпорноста при справување со пандемијата многу е важна соработката на сите владини институции, но истата може дополнително да биде зајакната и преку унапредување на соработката меѓу државите од регионот и пошироко.

– Сите сме соочени со криза без преседан и нашите предизвици се повеќедимензионални и сложени. Затоа, многу е важно да се подобри ефективноста на нашиот одговор и да се зајакне отпорноста преку примена на пристапот на ангажирање на сите владини институции, но и преку подобра соработка на регионално и меѓународно ниво. Тоа можеме да го постигнеме преку колективни и координирани акции, споделување информации и експертиза. Важноста на соработката е докажана во пракса. Северна Македонија побара помош преку Евроатлантскиот координативен центар за одговор при катастрофи на НАТО и доби огромна поддршка од многу земји, членки и партнери на НАТО, додаде Хасани.

Целта на вебинарот, додаваат од Министерството, била размена на информации со цел подигнување на свеста и споделување искуства, пристапи и практики меѓу земјите членки на Бригадата на Југоисточна Европа, во врска со улогата на вооружените сили во справувањето со ефектите од Ковид-19, како и подобрување на капацитетите за одговор на вакви и слични состојби во иднина и што порационално искористување на ресурсите.