Генералниот менаџер на Хјустон, Дерил Мори, е познат по тоа што често ги фали своите кошаркари, а многумина оценија дека тој често и претерува, особено по последната изјава во која кажа дека „Џејмс Харден е подобар поентер од Мајкл Џордан“.

Зад Харден е една од најдобрите офанзивни сезони во модерната историја во НБА лигата, иако „Ракетите“ не можат да се пофалат со некои позначајни резултати.

  • Едноставен е фактот дека Џејмс Харден е подобар поентер од Мајкл Џордан. Знам дека луѓето го мразат овој мој став, но бројките јасно покажуваат за што говорам. Буквално, ако му ја дадете топката на Харден, очекувате да реализира многу поени, а тоа ни покажува статистиката. Така треба да се мери напаѓачкиот перформанс. Харден без конкуренција е број еден во историјата на НБА лигата во тој параметар, изјави Мори.

Повеќето експерти НБА лигата го сметаат Мајкл Џордан за најдобар кошаркар во историјата, кој во кариерата го освои шампионскиот прстен шест пати со тимот на Чикаго. Тој исто така беше прогласен за најкорисен играч во пет пати, а воедно беше најдобар стрелец во НБА лигата десет пати.

Од друга страна Дерил Мори важи за еден од најголемите иноватори во светот на кошарката во 21 век, а стилот на кошарка е базиран врз основа на резултатите од аналитиката. Тој е генерален менаџер на Хјустон од 2007 година.