Харадинај утре оди на распит во судот во Хаг

86

Косовскиот премиер во заминување Рамуш Харадинај потврди дека денеска ќе отпатува за Хаг, каде што е повикан на распит, во својство на осомничен, пред Специјалниот суд за воени злосторства во Косово, пишува МИА.

Харадинај во синоќешното интервју за приштинската телевизија Т7 изјави дека од судот во Хаг е повикан на интервју, но дека против него се уште не е покренато обвинение.

– Да, утре ќе отпатувам за Хаг – изјави Харадинај, додавајќи дека интервјуто пред судот е закажано за наредниот ден, среда, 24 јули.

Тој повтори дека поднесе оставка од функцијата претседател на Владата, затоа што пред судот сака да се појави како граѓанин на Република Косово, а не како премиер. Според него, појавувањето пред трибуналот како претседател на Владата на Косово би претставувало „лош преседан“ и би можело да го загрози суверенитето на државата.

– Не би можел тоа да му го направам на Косово, бидејќи тоа би покажало дека Косово е ранливо – изјави Харадинај, изразувајќи уверување дека и овој пат ќе се потврди дека борбата на Ослободителната војска на Косово (ОВК) била праведна и чиста.

Харадинај во интервјуто за Т7 потврди дека в среда пред трибуналот во Хаг ќе се појави и првиот претседател на косовското Собрание по војната и портпарол на ОВК во 1998-99 година, Јакуп Красниќи, за кого се уште нема информација дали е повикан во својство на осомничен или како сведок.