Хаос во Израел по разрешувањето на министерот за одбрана: Демонстрантите го блокираа автопатот/ВИДЕО

794
EPA-EFE/ABIR SULTAN

Разрешен министерот во Израел кој се противеше на промените во судството.

Илјадници Израелци излегоа вчера на улиците во знак на протест поради разрешувањето на министерот за одбрана Јоав Галант од страна на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој ја повика владата да го прекине контроверзниот план за реформи во судството.

Галант во саботата ја повика владата да го запре усвојувањето на законите за промени во судството, велејќи дека жестокиот спор околу мерките е опасност за земјата.

Реформата во судството, предложена од министерот за правда Јарив Левин, ќе биде најрадикалната промена досега во израелскиот систем на владеење бидејќи ќе ги ограничи овластувањата на Врховниот суд, ќе и овозможи на владата да избира судии и ќе го прекине назначувањето правни советници во министерствата од страна на јавниот обвинител.

Нетанјаху, кому му се суди за корупција, тврди дека неговиот план за реформирање на судството ќе ја унапреди демократијата. Во Израел со месеци се одржуваат граѓански протести против најавената реформа.