Хаос во просториите на Нефа-мебел во Србија, излажаните купувачи гневни

449

Рано утринава во Белград пред магацинот на „Нефа мебел“ стотина гневни оштетени купувачи тропале на вратите на магацинот барајќи да влезат и да си го земат мебелот кој веќе го платиле, објави Блиц, а еден ден претходно огорчените купувачи кои не го добиле платениот мебел провалиле во магацинот и однеле што нашле, а исто така провалиле и во деловните простории на оваа руска фирма во Нов Белград каде што се наоѓаат нејзините канцеларии, и пред очите на координаторите за продажба, инаку Русинки, земале што им дошло при рака – компјутери, столици, телевизори, дознава Блиц бизнис.

Купувачите велат дека продавницата примала нарачки до минатата недела, а некои имаат порачки и до илјада евра.

Вратата на магацинот на Вождовец денес попладне била затворена, а внатре (во магацинот) бил сопственикот на овие простории кој упорно ги одбивал да ги пушти незадоволните и измамени купувачи на „Нефа мебел“ да влезат.

Причината е во тоа што и самиот сопственик на магацинот практично единствено може да си ги наплати своите трошоци преку мебелот кој руската фирма во бегство го оставила во неговите простории.

Инаку, фирмата која преку ноќ исчезна оставајќи стотина работници и бројни купувачи на цедило, не му го платила закупот ни на сопственикот на магацинот.

Исто така, преку ноќ Србија ја напуштил и директорот на „Нефа мебел“, кој на менаџерите по е-пошта им кажал дека „заради технички преглед на автомобилот мора итно да замине во Русија“.

Освен во Србија, српско-руската фирма за мебел „Нефа мебел“ вчера без најава ги затвори сите продавници и Македонија, а стотици купувачи во обете земји останаа без можност да ги добијат однапред платените нарачки.

Руската компанија „Спилит“ која го призведува мебелот што го продава „Нефа“, пред два дена преку ноќ побегна од Врање и остави долгови и 300 работници без работа, објавија српските медиуми.


Според податоците на српската Агенција за стопански регистри, 49 отсто од „Спилит“ е сопствениост на белградски „Холодекс“, а 51 отсто на рускиот партнер „ООО Корољ Диванов“, додека „Холодекс“ е стопроцентен сопственик на „Нефа мебел“, објавија српските медиуми.

Зад обете фирми стои рускиот бизнисмен Андреј Ходашевич, сопственик на две големи фабрики за мебел во Русија, „Много мебел“ и „Корол Диванов“. Доказ дека двете компании се поврзани е фактот оти веднаш штом „Спилит“ заминал од Врање, интернет и фејсбук страниците на „Нефа мебел“ во Србија, а од денеска и во Македонија се изгасени.

Во Македонија, компанијата има 3 продавници во Скопје како и во Велес, Гостивар, Прилеп, Битола, Тетово, но вчера попладнето сите одеднаш затвориле, а купувачите велат дека продавачите кои биле внатре не можеле да им дадат информации како да ги добијат нарачките.