Хаос во амбулантите, на минус 10 степени принудна вакцинација!

173

Градинките ги затворија вратите за невакцинираните деца и настана хаос во повеќе скопски поликлиники каде децата се вакцинираа од мали сипаници. Актуелната состојба настана откога Министерството за здравство прогласи епидемија на мали сипаници, а од вчера ја донесе и привремената мерка со која се забрани носење невакцинирани деца во градинките. Тоа беше причина наместо во градинка голем број на дечиња од страна на нивните родители да бидат однесени на имунизација со МРП вакцината која штити од морбилии, рубиола и заушки.

Министерството за здравство потврди дека за неколку саати во текот на денешниот  ден се вакцинирани вкупно 371 дете од предучилишна возраст. Тие истовремено апелираа до сите родители да ги вакцинираат децата со МРП вакцина. Оттаму потсетуваат дека се уште е на сила наредбата со која децата, кои се невакцинирани нема да бидат примени во детските градинки, со цел да се спречи ширењето на епидемијата на морбили.

Министерството за здравство, во соработка со Здравствен дом – Скопје воведува и втора смена во поликлиниките, каде се врши вакцинација, односно вакциналните пунктови во поликлиниките „Букурешт“, „Бит Пазар“ и „Јане Сандански“ ќе работат до 19 часот.

Здравствените власти напоменуваат дека МРП вакцината е висококвалитетна, производител е компанијата „ „GlaxoSmithKline од Белгија.

Во Поликлиниката „Јане Сандански“ вчераутро се вакцинирани 70 дечиња. Чекалната пак на амбулантата во Полкиклиниката „Букурешт„ во утринските часови беше претесна за да ги прими сите родители кои дојдоа да ги вакцинираат своите деца од мали сипаници. Голем дел од родителите беа гневни поради тоа што децата им ги враќале од градинка, па реагираа дека се приморани да ги вакцинираат. Во чекалната имаше и многу мали деца кои се уште немаа наполнето годинка.

– Антивакциналните кампањи многу влијаеја врз нашата одлука да не ги вакцинираме децата. Моето дете уште малку ќе наполни 4 години, а дури сега ја прими МРП вакцината. Причина за тоа се разните написи кои ги читавме на интернет. Нашиот матичен лекар ни препорача МРП вакцината која требаше да се прими после една година да ја примиме покасно после две, три години кога детето ќе има подобар имунитет и ќе биде подобро развиено и физички и психички. Прогласената епидемија на морбили само ја забрза одлука да го вакцинирам моето дете порано – вели една мајка за ВЕЧЕР која токму вчера го вакцинираше своето дете во Поликлиниката „Букурешт„.

Други пак мајки не информираа дека од градинките каде што им одат децата им се јавувале за да им кажат дека неопходно е да им го достават на увид картонот за имунизација. Дел од родители за ВЕЧЕР коментираа дека не се против вакцините, но биле исплашени оти во јавноста се зборувало за неквалитетни вакцини. Токму затоа добар дел од нив дел од вакцините ги набавувале од Грција.

Од 19 декември кога беше прогласена епидемија во скопската населба Радишани, досега, има 19 заболени, од кои 13 се докажани и шест сомнителни за кои се чека лабораториска потврда. Досега добиена е лабораториска потврда за две лица, од шесте новозаболени, додека за две од нив резултатите се негативни, а кај еден случај на дете за кое се прават дополнителни лабораториски испитувања.

Сите заболени се невакцинирани лица. Станува збор за деца на возраст од осуммесечна возраст, но и возрасни со 32 и 47 години.
Од потврдените случаи во Скопје се регистрирани три случаи во општина Бутел, и по еден случај во општинините Кисела Вода, Гази Баба и Аеродром, додека од сомнителните случаи два во општина Аеродром и по еден случај во општините Бутел, Центар и Ѓорче Петров.

На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани осум пациенти со јасна клиничка слика на морбили, од кои шест се потврдени, додека кај двајца се чека лабораториска потврда. Сите пациенти имаат компликации, а најголем дел од нив се со бронхопневмонија.

Малите сипаници се високоинфективна болест на респираторниот систем. Се пренесуваат преку воздух, со ситните капки секрет од дишните патишта кои при кашлање, кивање и гласно зборување ги исфрлаат заразените лица. Симптомите вообичаено почнуваат да се јавуваат 10 до 12 дена по изложувањето и траат седум до 10 дена. Иницијалните симптоми вклучуваат треска, често со температура поголема од 40 степени, кашлица, течење на носот и воспалени очи. Мали бели точки познати како Копликови петна може да се формираат од внатрешната страна на устата два до три дена после почетокот на симптомите. Црвен исип вообичаено се јавува на лицето, а потоа се проширува на остатокот од телото три до пет дена после почетокот на симптомите. Компликациите вклучуваат појава на дијареа, инфекција на средното уво, пневмонија, но и воспаление на мозокот.

Лекарите препорачуваат болниот во текот на заболувањето да се изолира, да седи во домашни услови, на амбиентална температура од 24 степени, да се пијат многу течности, чаеви, природни сокови и витаминска терапија. Ако болеста е пропратена со висока температура со контрола и препорака на лекар треба да се земаат и лекови за нејзино намалување.


МТСП: Казните за невакцинирање на децата се движат од 350 до 650 евра

Министерството за труд и социјална политика ги информирало сите државни и приватни градинки, дека Министерството за здравство прогласи епидемија на мали сипаници (морбили) во Скопје, а согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, на сила е забраната за примање деца во градинките кои не се вакцинирани од МРП (вакцина за морбили, рубеола и паротит).
Од Министерството ги потсетуваат родителите дека казните за невакцинирање на децата се движат од 350 до 650 евра.
Тие исто така информираат дека градинките се задолжени и да спроведат санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки.

Во Скопје засега се евидентирани над 15.000 невакцинирани деца

Стартуваат нови правила со кои матичните лекари задолжително ќе мора да го проверат вакциналниот статус на вашите деца кои се стари до 14 години.
Сите пропуштени и невакцинирани деца, тие ќе имаат обврска да ги упатат директно на
имунизација.
Во Скопје досега се евидентирани над 15.000 невакцинирани деца од 100.000 проверени картони. Проверка на картоните треба да има и во целата држава.

(В.Ма.)

Катарина Ивановска во кампања ЗА вакцинирање!

„Јас сум вакцинирана. Го вакцинирав и моето дете”, вели Катарина Ивановска во кампањата за Европската недела на имунизација.
Вакцинацијата спасува милиони животи. Признаена е како една од најуспешните и најекономични здравствени мерки во светот. Високиот опфат на вакцинација на соодветна возраст, создава колективен имунитет. Не постојат научни докази за поврзаност меѓу вакцината против мали сипаници, заушки, рубеола (ММР вакцина) или која било друга вакцина со аутизмот или аутистичните нарушувања. Вакцините се произведуваат во опкружување и процес кој подлежи под многу контроли.
Апелираме сите родители да ги вакцинираат своите деца, за да може да ја спречиме епидемијата од морбили (мали сипаници)!
Најуспешниот македонски топ-модел апелира до родителите да ги вакцинираат своите деца за да може да се спречиме епидемија од мали сипаници.