Хан: Законот за ЈО е клучен за датум во октомври 

Еврокомесарот Јоханес Хан апелираше до сите политички страни дека сега е време да покажат одговорност, во интерес на иднината на државата и граѓаните. Тој беше дециден дека за Брисел владеењето на правото е црвена линија и дека никој не смее да биде амнестиран поради неспособноста да се исполнат одредени рокови. Тоа мора да биде гарантирано, потенцира Хан. Заев му порачал на Хан дека во октомври очекуваме ЕУ да си го одржи зборот и да објави дека земјата може да ги отпочне преговорите по поглавјата за членство во ЕУ. Но, притоа не сакаме да станеме било каков аргумент за било која од земјите, заради тоа што сè уште не е завршено гласањето за законот за јавно обвинителство, рече премиерот

82

Клучно за добивање датум во октомври е да се усвои законот за јавно обвинителство кој нуди важни гаранции за владеење на правото, да продолжат реформите во правосудството и борбата против корупцијата, порача еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев. Хан апелираше до сите политички страни дека сега е време да покажат одговорност, во интерес на иднината на државата и граѓаните. Тој беше дециден дека за Брисел владеењето на правото е црвена линија.

 -Ги поттикнувам сите политички партии што побрзо да дојдат до решение. За нас има само неколку црвени линии, а најважно е во секое решение да се земе предвид дека не може во транзициската фаза да има изгубени случаи. Никој не смее да биде амнестиран поради неспособноста да се исполнат одредени рокови. Тоа мора да биде гарантирано. Ние така го гледаме владеењето на правото, истакна Хан одговарајќи на новинарско прашање.

Еврокомесарот истакна дека мора да продолжат напорите во оваа област и да се покаже нула толеранција во борба против корупција и организираниот криминал. Тој рече дека земјите членки го гледаат овој процес одблиску, но тоа што се прави е пред сè за доброто на граѓаните. Владеењето на правото е потребно за тие да имаат доверба во институциите, но и земјата да биде стабилна и политички и економски, посочи Хан и истакна дека судскиот систем мора да работи според правилата и тоа мора да го почитуваат сите.

-Она што е клучно за октомври е да се усвои законот за јавно обвинителство кој нуди важни гаранции за владеење на правото. Сега е време сите политички страни да покажат одговорност во интерес на иднината на државата и граѓаните. Сите треба да бидат фокусирани на октомври, да ги испорачаат потребните реформи и да дадат дополнителен стимул на државата. Во регионот е потребен овој позитивен сигнал да ја вратиме во живот ЕУ перспективата за државите во регионот. Затоа постои регионална, покрај државна одговорност и сите треба да бидат свесни за можноста, но и одговорноста, потенцира Хан.

Датум во октомври

Еврокомесарот жали што земјава не го доби очекуваниот датум за преговори во јуни годинава иако, како што рече, постигна успех и испорача сè што беше побарано, но убеден е дека тоа ќе се случи во октомври. Хан рече дека Република Северна Македонија заслужува во октомври да добие зелено светло за почеток на преговорите за членство во ЕУ поради сето она што го направи изминатите години во спроведување на реформите, со Договорот од Преспа, но и Договорот за добрососедство со Бугарија.

– Северна Македонија работеше вредно и време е ЕУ да ги исполни своите обврски. Некогаш мора и ЕУ да испорача, а не само вашата земја. Но, затоа неопходно е да се продолжи со натамошно спроведување на реформите. Сите ние сме свесни и јас сум уверен дека во октомври ова ќе биде завршена работа. Затоа немам други чувства и размисли во врска со тоа. Но, навистина уверен сум дека ќе добиете зелено светло и веднаш ќе може да започнеме со преговорите. Тоа е национална цел и сите во државата треба да сфатат дека треба да работат на ова. Секако, постојат дискусии и преговори, но ова сметам дека сите треба да бидат свесни за конечната цел и за судбината на државата. Се надевам дека сите ќе ги поддржат неопходните мерки кои допрва треба да бидат преземени со цел да се постигне она што многумина од нас сакаат да го видат, а тоа е зелено светло за почеток на пристапните преговори, рече еврокомесарот Хан.

Премиерот Заев рече дека со Хан споделиле искрени очекувања дека до крајот на овој месец ќе се постигне политички консензус, а на крајот на август – почеток на септември ќе се изгласа законот за јавно обвинителство за конечно после 15 години да добиеме датум за почеток на преговори.

– Очекуваме во октомври врз основа на извештајот од Европската Унија, поради техничкиот аспект што беше одложена одлуката од јуни за октомври конечно во октомври да ја добиеме позитивната одлука. Но, притоа не сакаме да станеме било каков аргумент за било која од земјите, заради тоа што сè уште не е завршено гласањето за законот за јавно обвинителство. Но уште поважно заради граѓаните, заради земјата дека треба да го завршиме гласањето на законот за јавното обвинителство, рече Заев.

ЕУ да си го одржи зборот

Премиерот рече дека опозицијата ја потврдила својата поента во преговарачкиот процес, односно успеале да ја убедат власта дека треба да се спојат обвинителствата, што е прифатено.

-Има јасни легални клаузули за 30 јуни 2017 година и употребата на прислушуваните разговори. Еднаквоста и принципиелноста во континуитет на сите јавни обвинители во државата и изедначеност на јавните обвинители во новото обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. Опозицијата е вградена во овој закон и верувам дека имаме видлива ситуација која на крајот ќе им служи чесно на граѓаните, каде што политичарите се надвор од процесот на одлучување за иднината на предметите, за правните аспекти и оставено е целосно на јавнообвинителскиот систем, како и на судството да ги носат одлуките, истакна Заев.

Премиерот потсети дека ЕУ лани во јуни даде четири конкретни цели за нашата земја, а тоа е правосудството, борба против криминалната корупција, реформата во безбедносните служби и реформата во јавната администрација. Со извештајот од 29 мај оваа година тоа беше потврдено стопроцентно во делот на исполнувањето. На основа на тој извештај ЕУ носи одлука. Одлуката беше одложена за октомври од, како што рече Заев, технички причини заради европските избори.

Заев му порачал на Хан дека во октомври очекуваме ЕУ да си го одржи зборот и да објави дека земјата може да ги отпочне преговорите по поглавјата за членство во ЕУ.

Покрај со Заев, Хан за време на посетата на земјава, се сретна и со претседателот Стево Пендаровски и лидерите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски.