Еден од најдобрите ракометари во светот Данецот Микел Хансен, има проблеми со белите дробови, поради што нема да ја комплетира последната сезона во ПСЖ, пред да си замине во Алборг.

Тој има освоено многу титули во својата кариера, но ја нема најважната, онаа од Лигата на шампионите и покрај тоа што многу пати беше близу да го подигне шампионскиот пехар и тоа е една од работите која го прогонува секој ден.

-Тоа што немам титула во Лигата на шампионите секој ден ме прогонува. Заради тоа многу жалам што нема да бидам дел од завршницата на тековната сезона. Во неколку наврати бевме блиску до трофејот. Добро се сеќавам на финалето против Вардар пред пет години. Минатата година потфрливме против Алборг во полуфиналето и не покажавме потребна дисциплина. Поради тоа и натаму не можам да прифатам дека ќе морам да ја завршам приказната во Париз без овој трофеј, изјави Данецот.

Во финалето на завршниот турнир во Келн во 2017 година, Вардар го победи ПСЖ со 24:23 и тоа со голот на Иван Чупиќ во последната секунда од натпреварот. Вардарци уште еднаш ја освоија Лигата на шампионите, во 2019 година кога во финалето го победија унгарскиот Веспрем, тим кој исто како ПСЖ се уште нема титула во најелитното клупско ракометно натпреварување.