Британскиот министер за финансии Филип Хамонд изјави денеска дека в среда ќе поднесе оставка пред, според очекувањата, фаворитот во трката за премиер Борис Џонсон, да му врачи отказ доколку го преземе кабинетот.

– Сигурен сум дека нема да бидам отпуштен, затоа што ќе поднесам оставка пред тоа да се случи. Под претпоставка дека Борис Џонсон ќе стане премиер, сфаќам дека неговите услови за работење во неговата влада би опфатиле прифаќање излез од ЕУ без договор на 31 октомври. Тоа јас никогаш не би можел да го потпишам, истакна Хамонд.

Претходно, неговиот колега, министерот за правда Гок изјави дека, исто така, в среда ќе поднесе оставка доколку Борис Џонсон победи на внатрепартиските избори во Конзервативната партија и стане нов премиер на Велика Британија.

Гок, која ја извршува оваа функција од јуни 2016 година кога премиер стана Тереза Меј, порача оти не може да продолжи да работи во влада на Џонсон, поранешен шеф на британската дипломатија, доколку тој побара Брегзит без договор со ЕУ. Според него, таквиот потег на Лондон ќе води кон национално „понижување“.

Трката за нов лидер на ториевците влегува во последните 48 часа, гласањето е утре, резултатите ќе бидат соопштени во вторник, а противник на Џонсон е актуелниот британски министер за надворешни работи Џереми Хант.