Седумкратниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, покажа голема упорност во трката за Големата награда на Шпанија, но сè уште е далеку од местото каде што би се борел за нова шампионска титула во елитното првенство. Пред медиумите, тој зборуваше за проблемите со кои се соочува тимот на Мерцедес оваа сезона.

Хамилтон ја започна трката од шестата позиција, но заврши во задниот дел кога контактот со Кевин Магнусен во четвртиот свиок го принуди да оди во боксот.

  • Не бев песимист – заостанував само 30 секунди. Не бев сигурен дали ќе бидеме казнети. Не знам дали проблемот е доверливоста на нашиот болид. Веќе видовме дека нешто се случува на трката. Мислев дека треба да го зачуваме нашиот мотор за да ни служи за некои други трки. Сепак, мило ми е што не го направивме тоа на крајот. Покажавме дека никогаш не се откажуваме – изјави Луис Хамилтон.
  • Од последната трка минатата сезона имавме проблеми. Постојано се случуваат работи што ни го отежнуваат напредокот. Немавме среќа со безбедносните возила и други работи. Сепак, ние секогаш се враќаме на седлото – изјави британскиот возач.

Лидер во генералниот пласман во конкуренција на возачи моментално е Макс Верстапен со 110 бода, Шарл Леклер има шест помалку, а на третото место, со 85 бода, е тимскиот колега на Холанѓанецот, Серхио Перез. Мерцедес е на четвртата и на шестата позиција – Џорџ Расел има 74 бода, а седумкратниот шампион Хамилтон 46.

Седмата трка од шампионатот во Формула 1 ќе се вози на 29 мај, за Големата награда на Монако.