Хамилтон: Мора да видам што се случуваше зад мене

257

Актуелниот шампион во Формула 1, Британецот Луис Хамилтон, со победата на трката за Големата награда на Катар ја прави крајно возбудлива сезоната во најбрзиот циркус на денешницата. Тој ја намали предноста пред водечкиот Макс Верстапен во генералниот пласман на само одум бодови.

По трката изјави дека е задоволен од втората последователна победа во Формула 1 шампионатот и важните бодови освоени во борбата за титулата.

  • Беше прилично осамено на чело на трката, секако дека уживам во тие трки каде што се бориш за позиција, но овој пат ни требаа бодовите. Тимот направи одлична работа со одењето во боксот, едвај чекам да погледнам трката и да видам што се случуваше зад мене, изјави Хамилтон.

Седумкратниот шампион ја запиша рекордната 102-та победа во Формула 1.

  • Навистина сум задоволен од болидот, поподготвен сум од кога било, ги чекаме следните две трки, додаде британскиот возач и најави возбудлива борба за титулата во последните две трки од сезоната.

Верстапен стартуваше од шестата позиција, а заврши на втората.

  • Стартната позиција беше поместена, но за среќа, имав добар старт. Прилично брзо се вратив на второто место и убаво е што го имав најбрзиот круг на трката. Ќе биде тешко до крајот, но убаво е, затоа возбудливо е. Оваа патека е возбудлива за возење, многу е брза, изјави Верстапен.

Третото место го зазеде возачот на Алпин, Фернандо Алонсо, за кого ова е прв подиум по 2014 година и трката за Големата награда на Унгарија.

  • Поминаа скоро 10 години, но конечно успеав, бевме блиску на неколку трки. Многу сум среќен за тимот, изјави двократниот светски шампион Алонсо.

Претпоследната трка во сезоната, за Големата награда на Саудиска Арабија, ќе се вози на 5 декември во Џеда.