Хамилтон е најдобриот Ф1 возач во историјата

143

Еден од најзаслужните луѓе за доминацијата на Мерцедес во Формула 1 е секако Тото Волф, кој веќе со години е поставен на позицијата – шеф на тимот. Тој овој пат застана во одбрана на својот возач и актуелен шампион, Британецот Луис Хамилтон, кој веќе неколку дека е на удар од страна на медиумите, поради своето однесување во и надвор од патеката.

Петкратниот шампион во најбрзиот циркус на денешницата одлично ја започна сезоната и воедно е на добар пат во својата витрина да додаде уште еден шампионски трофеј. Покрај одличните резултати, Британецот често беше на мета на критики во јавноста поради однесувањето. Неодамна, пред трката за Големата награда на Франција, Хамилтон ги пропушти обврските кон медиумите за да присуствува на меморијален настан во чест на починатиот моден креатор Карл Легефелд.

Поради тоа Волф реагираше и истакна дека Хамилтон не го ценат доволно во Велика Британија, бидејќи често пати во медиумите остро го критикуваат.

  • Еден ден кога ќе се пензионира со многу трофеи луѓето ќе кажат: „Тој беше најдобриот возач во Формула 1, а ние ќе бидеме сведоци на сето тоа. Зар не е интересна личност со сите работи кои ги прави“. Тој е најдобриот возач кој некогаш бил во Ф1, истакна Волф.

Пилотите на Ферари, Себастијан Фетел и Шарл Леклер сезонава имаа само две чисти шанси за победа. Во Бахреин, Леклер беше на патот да оствари доминантна победа, но во завршницата од трката имаше проблеми со моторот, па на крајот го зазема третото место. Од друга страна Фетел во Канада беше пред Хамилтон, но поради грешка и враќање на патеката на небезбеден начин, доби казна од пет секунди и трката ја заврши на второто место.