Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Британецот Луис Хамилтон, чиј договор со Мерцедес истекува на крајот од сезоната, изјави дека ќе ја обнови соработката со германскиот тим, отфрлајќи ги гласините за преговори со Ферари.

„Мојот тим е во преговори со Тото (шефот на Мерцедес, Волф)… речиси сме на крајот од подготвеноста на договорот. Ова е првпат да не преговарам сам, имам одличен тим зад мене“, рече Хамилтон. пред Големата награда на Монако.

Неговиот одговор доаѓа откако претходните денови британските медиуми пишуваа за преговорите меѓу 38-годишниот возач и Ферари, кои според нивните сознанија, биле подготвени да понудат околу 46 милиони евра за британскиот возач.

„Не сме испратиле понуда до Луис Хамилтон. Не сме имале никакви дискусии“, изјави директорот на Ферари, Фредерик Васер, додавајќи дека секој тим би сакал да го има Хамилтон во своите редови.

Првата титула Хамилтон ја освои во 2008 година со Мекларен, а од 2014 до 2020 година освои шест титули со германскиот тим. По возбудливата 2021 година, во која остана без трофеј во последниот круг од последната трка во Абу Даби, Хамилтон минатата сезона не оствари ниту една победа.

Рекордерот по бројот на победи (103), по пет трки сезонава, го зазема четвртото место со 56 бодови, додека на првото место со 119 бодови е двократниот последователен светски шампион Макс Верстапен од Ред Бул. Трката за Големата награда на Монако се вози в недела од 15:00 часот.