Екипата на Мерцедес започна хуманитарна акција која е наменета за болното момче кое е заљубено во најбрзиот циркус на денешницата – Формула 1. Станува збор за петгодишниот Хари Шоу, кој боледува од редок облик на рак на коските. Лекарите пред неколку дена му соопштиле дека му останува уште најмногу една недела живот.

Хари пред почетокот на трката во Барселона му испратил видеопорака на актуелниот шампион Луис Хамилтон.

  • Здраво Луис. Среќно во Шпанија и победи. Ти благодарам за сè. Многу те сакам и збогум, гласи видеопораката на Хари.

Хамилтон тоа видео го видел на својот Инстаграм-профил, а по трката за Големата награда на Шпанија изјави дека победата ја посветил на Хари.

  • Бев инспириран од детето кое ми испрати моќна порака. Тој беше мојот ангел во текот на трката, истакна Хамилтон.

Еден ден по трката, тимот на Мерцедес на адресата на Хари му го испрати болидот на Хамилтон и пехарот наменет за победникот на трката во Барселона.