Хакери наводно бараат 50 милиони долари од Арамко за протечени податоци

39

Највредниот светски производител на нафта Сауди Арамко потврди дека податоци на компанијата протекле од еден од нејзините изведувачи на работи.
Британскиот јавен сервис Би-Би-Си додава дека податоците кои протекле сега наводно се користат како средство за изнуда на 50 милиони долари од компанија од Саудиска Арабија.
Арамко во имејл со Би-Би-Си наведе дека „неодамна дознал за индиректно откривање на ограничена количина податоци за компанијата со кои располагале независни изведувачи на работи“.
Саудискиот енергетски гигант не соопшти за која компанија станува збор, ниту дали изведувачот бил хакиран или податоците протекле на друг начин.
– Протекувањето на податоците не се случи со пробивање на нашиот систем, настанот нема никакво влијание врз нашиот бизнис, а компанијата продолжува да одржува силна кибер безбедност, додаваат од Арамко.
Изнудувачите се здобиле со еден терабајт податоци на Арамко, јавија претходно некои светски агенции повикувајќи се на веб-страница на darknet (дел од шифрирана мрежа на Интернет што е достапна само преку специјализирани алатки кои овозможуваат анонимност).