Бранителот на шампионскиот појас во УФЦ, Хабиб Нурмагомедов, остана заглавен во Русија, па затоа, шефот на оваа оранизација, Дана Вајт, беше принуден да му најде нов противник на Тони Фергусон, за борбата во лесна категорија која е предвидена за 18 април.

Долгоочекуваниот УФЦ 249, ќе се случи, но главна борба на него ќе биде Тони Фергусон против Џастин Гејчи. Американецот Гејчи, се покажа како најлогична замена за Хабиб Нурмагомедов, кој не може да стигне до САД поради затворените граници на Русија.

Хабиб, како апсолутен и непоразен шампион во оваа категорија, требаше да се бори со Фергусон, првиот предизвикувач, кој исто како и Дагестанецот, има 12 победи по ред. Сепак, Нурмагомедов се врати во Русија, Путин ги затвори границите на својата земја и невозможно беше ниту борецот да замине во Лас Вегас, ниту Фергусон да дојде во Москва.

По многу препукувања на социјалните мрежи, навреди и посочувања, Дана Вајт се јави со потврда.

  • Договорот за борба е потпишан и 100 проценти ќе ја има во живо на ЕСПН, некаде на планетата Земја. Тони Фергусон против Џастин Гејчи, порача Вајт.

Сега, на Вајт му преостанува да најде локација за борбата некаде на подрачјето на САД и тоа без присуство на публика. Настанот прво требаше да се одржи во Бруклин, меѓутоа поради пандемијата на коронавирус, државата Њујорк одби да биде домаќин.