Фуере: Тактиката на бугарската влада за Северна Македонија е неразумна и контрапродуктивна

39

Тактиката што во моментов ја користи Владата на Бугарија кон Северна Македонија е прилично неразумна и контрапродуктивна и може да има сериозни последици, не само за односите меѓу двете земји, туку и за целиот регион, и за политиката на проширување на Европската унија, смета поранешниот амбасадор на ЕУ во Скопје Ерван Фуере.

Пристапот на бугарската влада праќа лоша порака до земјите од Западен Балкан дека и тие можат да се соочат со целосна блокада на патот кон ЕУ, вели Фуере во интервју за Бугарското национално радио.

– Бугарија го користи своето членство во Европската унија за да наметне сопствено толкување на историјата, како и да инсистира на тоа дека нејзината верзија мора да биде прифатена од други земји пред да започнат пристапните преговори. И тоа е контрапродуктивно бидејќи ја поткопува политиката на проширување на ЕУ и оди целосно спротивно на принципите врз кои се базира европската интеграција и со кои Бугарија се согласи кога стана членка на ЕУ во 2007 година, истакнува Фуере.

Вели дека прашањата што ги поставува Софија – територијален интегритет, национален идентитет, постоење или не на национално малцинство, толкување на историјата – се реални проблеми што постојат не само меѓу Бугарија и Северна Македонија, но ако се говори во поширок спектар на Европа, тоа е една од причините за создавање на процесот на европска интеграција – да се решат овие прашања, да се промовира помирувањето не со присила, туку со соработка.

Како пример го посочува фактот дека и Ирска и Велика Британија имале прилично бурна повеќевековна историја, но кога  двете земји станаа членки на Европската заедница, како што се нарекуваше во 1973 година, стана можно да се постават и решат некои од критичните прашања, како што се националниот идентитет, историјата и правата на малцинствата.

Според Фуере, Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Скопје и Софија е многу добар пример за две соседни земји да работат заедно и да најдат заедничка основа за меѓусебна доверба, но за тоа е потребно време.

– Договорот со Северна Ирска од 1998 година сè уште се спроведува – 20 години подоцна. Затоа, мислам дека е неразумно Бугарија да верува дека сè во овој договор треба да се направи првиот ден по потпишувањето. Потребно е време, треба да се дискутира, образованите и мултидисциплинарните комисии треба да се состануваат, а блокирањето на процесот на проширување ќе спречи тоа, вели Фуере.

Доколку, пак, Бугарија не стави вето и дозволи за започнат официјално пристапните разговори со Северна Македонија, кои ќе траат неколку години, тоа, според него, ќе даде многу позитивен сигнал дека Софија гледа на овој процес како на процес на соработка.

– Тоа, исто така, ќе создаде позитивна атмосфера за продолжување на билатералните разговори меѓу двете земји за отворените прашања. Важно е за целиот балкански регион, ЕУ и целата меѓународна заедница да ги разгледуваат овие прашања многу посеопфатно, бидејќи тие ќе продолжат се појавуваат, иако во поинаков контекст – на пример, кога ќе започнуваат преговорите со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија. Сите овие проблеми се многу сложени и товарот на историјата врз нив е сè уште многу, многу тежок. Затоа во фокусот на вниманието на ЕУ и меѓународната заедница, треба да биде како да се помогне во решавањето на овие билатерални проблеми преку соработка и интеграција на општествата, рече Фуере. 

Смета дека работите не треба да се враќаат назад и да се отвораат повторно спорни историски дебати, туку да се земе предвид дека ЕУ е заедница која промовира помирување засновано врз владеењето на правото.

Фуере вели дека во контекст на владеењето на правото на кое се базира ЕУ, не може да се игнорира и прашањето за националите малцинства за што има одлуки на Судот за човекови права.

– Судот за човекови права на Советот на Европа е формиран токму и за да гарантира дека и Северна Македонија и Бугарија го почитуваат тоа. И не можеме да го игнорираме фактот дека има пресуди на Судот во Стразбур, точно за постоењето на национални малцинства во Бугарија. И ЕУ, чија членка е и Бугарија, се заснова на владеењето на правото. Прашањето за национални малцинства не постои само на Балканот, туку во цела ЕУ – Каталонија, Велс, Шкотска. Но, постојат процеси што се занимаваат со нивно решавање – не со сила, туку преку соработка, изјави поранешниот евроамбасадор во Скопје Ерван Фуере.