Неколку британски експерти предупредуваат дека градовите кои се западно од Англија се во опасност да ја доживеат истата судбината на Италијанците поради реваншот од осминафиналето во Лигата на шампионите помеѓу Ливерпул и Атлетико Мадрид (2:3), меч кој беше одигран на 11 март на „Енфилд“ пред 54.000 навивачи.

Директорот на Градскиот институт за јавно здравје во Ливерпул, Метју Ештон, истакна дека овој меч би можел да биде нова „бомба“ кога е во прашање коронавирусот.

  • Не беше добра одлуката да се организира овој натпревар, иако тоа сигурно не беше намерно. Властите можеби не ја сфатија тежината на ситуацијата во тој момент. Иако можеби никогаш нема да знаеме, но мечот со Атлетико можеби беше еден од настаните што предизвика да се зголеми бројот на заразени во Ливерпул. Дефинитивно, овој настан ќе биде тема на истражување, со цел да научиме нешто и да не повториме слични грешки, изјави Метју Ештон за „Гардијан“.

Инаку, Мадрид уште тогаш беше жариште на заразата, а на Островот пристигнаа 3.000 навивачи на Атлетико. Во тоа време натпреварите во Ла Лига се играа без публика, а Шпанија ги затвори сите кафулиња, училишта и факултети.

Имено, катастрофата во Ломбардија ја предизвика дуелот Аталанта – Валенсија на „Сан Сиро“, меч кој се одигра на 19 февруари пред 40.000 гледачи. Веднаш по мечот коронавирусот се рашири низ цела Италија, а најмногу настрадани имаше токму во Бергамо.