Секоја ситуација во која доживуваме дека ја губиме контролата и дека не можеме ништо да направиме, ги нагласува сите емоции кои една личност може да ги доживува, особено е тешко за тие чијшто тест ќе биде позитивен на коронавирусот ковид-19, вели Ристовска.

Во време кога живееме во неизвесност на глобално ниво, кога со светот владеат катастрофални мисли дали човештвото ќе излезе како победник од пандемијата на коронавирусот ковид-19, вознемиреноста и анксиозноста стануваат нормални појави. За тоа како нашето ментално здравје да го држиме во добра форма, за начините како да го окупираме нашето внимание со позитивни работи, како да здивнеме од лоши мисли и чувство на загрозеност, одговори побаравме од Фросина Ристовска, психолог, психотерапевт.

– Секоја неизвесност и нејаснотија го зголемува стравот од непознатото. Разните информации за коронавирусот прават да се чувствуваме уште повеќе збунето и исплашено. Секоја ситуација во која доживуваме дека ја губиме контролата и дека не можеме ништо да направиме ги нагласува сите емоции  кои една личност може да ги доживува. Особено е тешко за тие чии тест ќе биде позитивен на коронавирусот ковид-19. Стравот е нормално чувство и може да биде  преплавувачки, вели Ристовска.

 Смиреноста – ефикасен лек

Објаснува дека во такви моменти лицето може да доживува цел спектар на емоции од преплавувачка тага до лутина, од бес до беспомошност и безизлесност.

– Се нарушува квалитетот на секојдневниот живот и истовремено може да дојде до неможност за извршување на секојдневните задачи. Други, пак, на целата ситуација ќе ѝ пристапат со негирање и ќе продолжат со своите секојдневни активности, но тоа не значи дека сè помалку исплашени или тажни туку само дека емоциите различно ги препознаваат и манифестираат. Трети, пак, многу разумно ќе пристапат кон целиот проблем, и иако се преплашени, тажни, лути, бесни итн. ќе направат правилни избори и ќе ги активираат сите свои системи на поддршка за да можат да се справат со новонастаната ситуација. Зависно од тоа што личноста доживува интервенциите на психотерапевтот би вклучувале учење на нови техники на дишење и користење на телото како поддршка, начини како да се активираат системите на поддршка, работа на емоциите кои во тој момент се доживуваат и понекогаш само креирање на безбеден простор во кој индивидуата ќе споделува за своето доживување без да се чувствува загрозено и осудено, вели Ристовска.

Појаснува дека од личност инфицирана со коронавирус не може да се очекува дека ќе биде постојано смирена со оглед на масовно достапните информации.

– Во ваква ситуација многу е битно човек да остане колку што е можно посмирен, внимателно да ги слуша препораките на докторите кои директно се грижат за здравјето. Сите емоции во овој период не треба да се потиснуваат туку да се препознаат и споделат или со стручно лице или со некој кој заболениот го доживува како доволно блиска личност. Цртањето, пишувањето се само дел од начините на кои може да го окупираме нашето внимание за да можеме да здивнеме и да се одмориме од стравот и неизвесноста, препорачува, психотерапевтката.

Самопомош во изолација

Таа тврди дека семејството игра значајна улога во справувањето со секоја  дијагноза, но предлага и други ефикасни начини.

– Онлајн платформите се добредојдени за простор за да се споделат емоциите без да се нагласува дека нема потреба од страв, солзи, тага и вознемиреност, да зборуваат за сопствениот страв и емоции и да пробаат да најдат различни начини како да се анимираат низ дома за да може времето да помине побрзо – преку играње на онлајн игри, читање на книги за кои потоа ќе споделуваат искуства и размисли како и гледање на што е можно помалку вести кои зборуваат за моменталната ситуација – вели Ристовска.

За тоа како актуелната ситуација влијае на децата, таа тврди: Децата се многу поодговорни од возрасните и ги почитуваат правилата кога тоа им е објаснето. На децата треба да им ги одговориме прашањата кои можеби ги имаат за коронавирусот на начин разбирлив начин за да не се искреира дополнителен хаос од погрешно интерпретирани податоци кои можат да ги добијат од социјалните мрежи. Родителите се модел за своите деца, односно треба да посветат доволно внимание, да се одморат и наспијат, да извежбаат низ дома, да се хранат здраво и да прават паузи. Во овој момент она што е одлично е дека наставата се префрли преку сите онлајн платформи за  децата да бидат ангажирани и да се чувствуваат поврзани со својот стар начин на живот. Поврзувањето со пријателите и семејството преку употреба на онлајн каналите исто така е значајно за да ја донесе пораката дека и во самоизолација контактите сè уште може да бидат забавни. Родителите е значајно заедно со своите деца да изнајдат нови начини за спроведување на активностите поврзани за забава и релаксација со нивните деца. И многу е важно отворено да зборувате за тоа што го чувствувате. Родителите неопходно е да им обезбедат сигурност и поддршка на своите деца, дека се безбедни, но дека едновремено е во ред да се чувствуваат вознемирено и исплашено. Споделувањето за тоа што нам ни помага да се справиме со стресни ситуации и тоа како може да им биде пример на децата за тоа како тие може себеси да се поддржат – ни објасни психологот.

Ристовска смета дека има многу нешта кои можеме да ги направиме во функција на самопомош кога сме во изолација. Вели дека е важно да одржуваме некаква рутина во текот на денот – тоа ќе ни помогне денот да ни има смисла и да не се изгубиме во безредието.

– Кога сме во самоизолација имаме многу време да размислуваме за себе и многу често можеме да се доведеме во ситуација да доживееме огромно разочарување во однос на себе и сопствениот живот. Оттука значајно е да го одбегнуваме негативниот мисловен тек и да пробаме на себе да гледаме со повеќе љубов. Кога сме затворени во одреден простор тоа може да биде многу стресно искуство, и неопходно е да развиваме нови начини за да се справуваме со тагата, лутината и бесот. Воедно значајно е да ги следиме и промените во расположението на нашите блиски за да можеме да се понудиме како поддршка доколку е потребно. Неопходно е да си направиме план за тоа колку вести ќе читаме и да се ограничиме само на релевантни извори. Би препорачала да се пратат официјалните совети од министерството за здравство и Светската здравствена организација, вели таа.

Да се има добро ментално здравје не значи дека никогаш нема да поминеме низ лоши моменти или дека нема да имаме емоционални проблеми, смета психоерапевтот Ристовска и вели: „Сите ние поминуваме низ разочарувања, загуби, промени и здравствени проблеми низ животот. Сите овие нешта се дел од нормалниот живот, но и покрај тоа може да предизвикаат анксиозност, тага и стрес. Луѓето кои се емоционално и ментално отпорни имаат различни начини на справување со стресни и тешки ситуации и одржување на позитивни мисли, останувајќи фокусирани, флексибилни и продуктивни. Полесно можат да се справат со неизвесноста не само во однос на исходот од конкретна болест туку и во однос на иднината”,тврди Ристовска.

Ќе ни треба време да ни се врати сигурноста

– Секоја голема криза прави промена, а промените бараат многу сила и енергија од нас да се приспособиме за да можеме понатаму да научиме и нешто добро, дали тоа ќе бидат нови системи на поддршка, сознанија дека можеме бидеме поиздржливи и многу повеќе да ги цениме и вреднуваме релациите со нашите блиски. Ќе биде потребно време најпрво да се врати сигурноста и безбедноста кај сите нас – оптимист е Ристовска.

Лилјана Грџо Дамовска