Фрли пластично шише или лименка и заработи

2427

Жителите на Центар од денеска имаат можност пластичните шишиња и лименки што им се вртат дома како отпад, да ги фрлат во повратни вендинг машини и притоа да заработат.

Вендинг машините на седум локации ги поставија од ЈП ПОЦ и тоа: пред бараките на Општина Центар, кај слаткарницата „Апче“, кај монтажната гаража „Буњаковец“, во затворените паркиралиште „Дом на градежници“,„Зелен пазар“,„Дилајла“ во Капиштец и во ГТЦ, а до крајот на годината ќе бидат поставени вкупно 27 машини.

– Жителите на општина Центар за рециклирањето ќе добијат субвенции од Општина Центар на нивната GreenPay платежна картичка – информираат од ЈП ПОЦ.

Се работи за нова картичка која ќе ја замени постоечката М-карта и ќе овозможи многу повеќе поволности. Освен најава на гости, со GreenPay картичката жителите ќе имаат можност да учествуваат во процесот на рециклирање и да пазарат со попусти во зелената мрежа на локали кои се приклучија во овој проект – маркети, ресторани, кафеани, кафулиња и бутици. До сега, оваа мрежа вклучува повеќе од 30 локали кои ќе овозможат попусти, а заради големиот интерес зелената мрежа секојдневно ќе се проширува. Дополнителна поволност на оваа картичка е можноста за префрлање на средства од други платежни картички.

– Направивме стратегија која ќе го помогне семејниот буџет на секое семејство во Општина Центар, ќе ја поттикне локалната економија, а воедно ќе биде корисна и за животната средина. Создадовме зелена мрежа од маркети, кафулиња, кафеани, бутици и ресторани каде со плаќање преку GreenPay картичката ќе може да се пазари со попуст од 3, 5 и 7 проценти – изјави директорот на ЈП ПОЦ, Васко Кичевски на виртуелната презентација на проектот.

За градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, поставувањето на повратните вендинг машини се само еден чекор што може да се направи за да се придонесе во намалувањето на количеството на отпадот кој завршува во депониите.

– Преку процесот на рециклирање, а со поддршка од граѓаните, заеднички ќе ги зачуваме природните ресурси од загадување – нагласи Богдановиќ.

За секое рециклирано пластично шише или лименка од 0,25 до 0,75 литри жителите ќе добиваат 0,5 денари, за шише од 1 до 1,75 литри добиваат 1 денар, а за шише од 2 до 2,25 литри, 1,5 денари.

– Општина Центар ќе субвенционира средства со вкупен износ од 12 милиони денари за жителите кои ќе се вклучат во процесот на рециклирање и на овој начин дополнително ќе ги мотивираме преку сопствен пример да влијаат во подигање на свеста за зачувување на животната средина – изјави Богдановиќ.

Жителите на Општина Центар можат да аплицираат за GreenPay платежна картичка во катната гаража „Судска палата“ на ЈП ПОЦ, со приложување на лична карта и барање за договор. Во следните денови ќе биде отворена и можноста за онлајн аплицирање преку ПОЦ мобилната апликација и веб-платформата www.poc.mk.

(А.П.)