Франческа реши да се пресмета со фановите на Рома

323

Николо Заниоло сигурно е најомразената личност помеѓу најверните фанови на Рома откако јавно побара да биде продаден за време на зимскиот преоден рок и тоа на големиот ривал, актуелниот шампион на Италија, тимот на Милан. Навивачите на римската „волчица“ веднаш му покажаа какво предавство има направено, а масло и на така големиот оган додаде неговата мајка Франческа која јавно го осуди потегот на фановите на Рома.

Повремениот репрезентативец на Италија одби да биде во комбинација за првенствениот дуел против Специја и јавно побара да биде продаден на Милан чии челници испратија понуда за позајмица но истата експресно беше одбиена од раководните лица на Рома.

Сопствениците на „волчицата“ веднаш го информираа дека не им се допадна начинот на кој тоа го има направено и му испратија јасна порака дека нема да му дозволат да се пресели на „Сан Сиро“.

Неколку часа подоцна, Рома ја прифати понудата на англискиот премиерлигаш Бурнемаут, вредна 30 мил. евра, но Заниоло ги информираше двата клуба дека не планира да се пресели на островот.

Поради амбицијата да се пресели во Милано, Заниоло си направи вистински пекол и големи се шансите да не одигра ниту една минута во Серија А до крајот на актуелната сезона.

Проблем плус, освен тој дека е во војна со клупските челници и со контроверзниот португалски стручњак Жозе Мурињо, е и конфликтот со најрадикалните фанови на „волчицата“ кои поставија неколку пароли низ римските улици.

  • Заниоло предавник, го*нар кој нема чест“. „Пет милони? Можеби шут во задникот“, се само дел од паролите кои можат да се видат во Рим и пред тренинг центарот на калчолигашот.

Поголемиот дел од навивачите испратија јасна порака дека никогаш нема да му простат, а крилниот напаѓач сега е принуден да остане во Рим откако му пропадна и последната опција да се пресели во редовите на Милан.

Франческа, мајката на големиот талент, не можеше да остане мирна поради целата ситуација околу нејзиниот син и затоа изјави дека навивачите на Рома ја поминале секоја можна граница со навредите.

  • Овој бран на омраза кон мојот син предизвика невидена ерупција. Непотребно е да искажува таков вид на омраза. Ова мора што е можно побрзо да прекине, мојот син ова не го заслужува, изјави Франческа.