Француските рибари за утре најавија блокада на пристаништата и тунелот под Ламанш

43

Францускиот национален комитет за рибарство соопшти дека утре рибарите ќе го блокираат пристапот до стоките во три пристаништа и во тунелот под Ламанш. Таа акција е дел од барањето за брзо одобрување на дозволи за риболов по повлекувањето на Велика Британија од Европската Унија.

„Не сакаме милостина, туку само да ни се вратат дозволите. Велика Британија мора да го почитува договорот по брегзит“, рече претседателот на Комитетот Жерар Ромити.

Рибарите ќе го блокираат пристигнувањето на бродови во три пристаништа на Ламанш, на север на Франција, додека на копно ќе го блокираат неколку часа пристапот на товарните возила во близина на тунелот под Ламанш.

Според договорот што го потпишаа Лондон и Брисел на крајот на 2020 година, европските рибари можат да продолжат да работат во британските територијални води, под услов да докажат дека тоа го правеле пред брегзит. Сепак, Франција и Велика Британија имаат спор околу документите што треба да се обезбедат за дозвола за риболов.

Од 1 јануари 2021 година, кога Велика Британија официјално се повлече од ЕУ, Франција добила околу 960 дозволи за риболов, но Париз смета дека Лондон треба да издаде уште 1250 дозволи.