Франција сака да го уништи последното танго на Меси

100

Точно дека беше во групата на фаворити, но после срамниот пораз од Саудиска Арабија, ретки беа тие кои веруваа дека репрезентацијата на Аргентина денеска, со почеток во 16:00 часот, ќе го стартува финалниот натпревар на Светското првенство во Катар. Најважниот фудбалски натпревар во 2022 година може да се покаже клучен кога е во прашање крунисувањето на Лионел Меси за најдобар играч во фудбалската историја, но за тоа се прашува и противникот на „гаучостите“, бранителот на тронот, репрезентацијата на Франција. И двете репрезентации запишаа еден пораз на патот до финалето, а како што се ближеше крајот на турнирот, така двете селекции играа се подобро и подобри. Ако Аргентинците се крстат во Меси, тогаш најверните фанови на „Галските Петли“ се молат на Килијан Мбапе кој пред четири години беше вистински кошмар за „сино-белите“ дефанзивци. Последната меѓусебна пресметка во 1/8 финалната рунда од СП во Русија заврши со минимален триумф на Франција од 4:3, а од тогашните актери денеска би требало шанса да добијат Варан, Гризман, Мбапе, Жиру, Лорис, Дембеле, Ди Марија, Меси, Отаменди, Таљафико, Акуња и Дибала,

  • Прославивме, се израдувавме како што треба за пласманот во финалето, но сите сме сфесни дека треба да направиме уште еден чекор. Има уште еден чекор за одење. Уживавме во полуфиналната победа, но сега се е готово, фокусирани сме на следниот предизвик. Искрено, не сакам да се споредувам со останатите аргентински тренери, Горд сум на фактот дека изборив финале, дека ќе го преставувам националниот тим. Сепак, не сакам да се ставам на исто ниво со Меноти и Билардо. Јас само се чувствувам привилигирано што сум дел од финалето, изјави селекторот на Аргентина, Лионел Скалони.

Неговиот колега од спротивната страна, Дидие Дешамп, пак испрати јасна порака до најдобриот фудбалер во дресот на Аргентина, Лионел Меси.

  • Меси беше клучен играч од стартот на завршниот турнир. Пред четири години работите беа сосема поинакви. Тогаш играше централен напаѓач, а сега игра пред двајцата дефанзивни играчи за врска и зад напаѓачот. Се добива впечаток дека е во добра форма. Знаеме дека е еден од најдобрите фудбалери во светот и затоа ние ќе се обидеме да го контролираме колку што можеме. Тоа е нормално, затоа што и Аргентина ќе се обиде да контролира неколку играчи од мојот тим, изјави Дешамп.

Можни состави: ФРАНЦИЈА: Лорис, Варан, Конате, Тео Хернандез, Кунде, Чуамени, Гризман, Рабио, Дембеле, Жиру, Мбапе. АРГЕНТИНА: Маринез, Молина, Ромеро, Отаменди, Таљафико, Де Пол, Фернандез, Мек Алистер, Предес, Меси, Алварез.