Франција и Холандија скептици, Северна Македонија очекува датум во јуни!

109

Важно е Северна Македонија да продолжи да напредува, Холандија е строга и праведна во однос на примената на условите и мислиме дека е од најголема важност Северна Македонија да покаже јасни резултати, посебно во борбата против корупцијата и организираниот криминал, оддаваме признание за решавањето на спорот за името, но тоа не го прави помалку потребно покажувањето напредок во другите области, вели холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок

И покрај големата поддршка на бројни земји членки на ЕУ за почеток на преговори со нашата земја, во Франција, Холандија и други западноевропски земји се уште постои отпор кон овој процес, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, по појадокот со министрите Никола Димитров и Бујар Османи. Сијарто во изјава за МИА вели дека има голем отпор од западноевропските пријатели, кои не се толку чувствителни бидејќи се оддалечени од регионот.

На појадокот организиран од романското претседателство и грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос била искажано „огромно задоволство“ за решавањето на спорот за името и поддршка од повеќе земји членки за почеток на преговори. Според дипломатските извори на кои се повикува МИА, најсилната поддршка дошла од источноевропските земји, како и од Италија и Ирска.

Холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок, пак, истакна дека Холандија е строга и праведна во однос на примената на условите.

-Важно е Северна Македонија да продолжи да напредува, Холандија е строга и праведна во однос на примената на условите и мислиме дека е од најголема важност Северна Македонија да покаже јасни резултати, посебно во борбата против корупцијата и организираниот криминал, оддаваме признание за решавањето на спорот за името, но тоа не го прави помалку потребно покажувањето напредок во другите области, вели Блок.

Освен донесувањето на реформите, земјите членки сакаат да видат и имплементација на истите, потсети белгискиот министер Дидие Рејндерс.

-Најважно за нас ќе биде да го видиме извештајот на Европската комисија и да провериме дека се оди напред, спорот за името беше еден вид предуслов, и беше извонредно исполнет, сега сакаме законите да се изгласаат, но и да се спроведат, и знаеме дека спроведувањето е секогаш најкомплицираниот дел, изјави Рејндерс.
За Белгија е од исклучителна важност секоја земја да се цени според сопствените заслуги и да нема „пакети на земји“.
Белгија меѓутоа не е меѓу најскептичните земји како Франција и Холандија, и смета дека вратите остануваат отворени, во НАТО и во ЕУ.

Високи дипломатски извори за МИА велат дека отворањето преговори со Северна Македонија во јуни ќе биде приоритет на романското претседателство, но неизвесноста ќе трае се додека не се објави извештајот на Европската комисија. Со оглед на претстојните избори за Европскиот парламент, што ќе се одржат на крајот на мај, и на чувствителноста на европската јавност околу проширувањето, Европската комисија одлучи да ги одложи извештаите за земјите од Западниот Балкан за првата седмица по изборите, најверојатно на 29 мај. Советот за општи работи, пак, е предвиден за 18 јуни, што не остава многу време за земјите членки да ги разгледаат наодите на Европската комисија и да донесат одлука.

Димитров и Османи: Очекуваме одлука за преговори со ЕУ

Нашата работа е да ве убедиме дека она што го имаме денес во Северна Македонија е можност за ЕУ. Нашата цел е да се трансформираме и да станеме европски во начинот на кој функционира нашиот систем, истакнал министерот за надворешни работи Никола Димитров на појадокот во Брисел со неговите колеги од земјите членки на ЕУ.

– Во последната деценија Европа постојано се менува, станувајќи на некој начин движечка цел што треба да ја следиме. Но, нашите интереси остануваат исти – ни треба трансформативната моќ на ЕУ за создавање на европски, стабилен и просперитетен Балкан, посочил шефот на дипломатијата.

Како што соопшти владината прес-служба, вицепремиерот Османи, изразил надеж дека реформската динамика ќе биде објективно изразена во наредниот извештај на Европската комисија, што ќе претставува основа за конфирмација на одлуката од страна на Европскиот совет во јуни, за почеток на преговорите со Република Северна Македонија оваа година.

– Република Северна Македонија, покрај исклучително големиот успех во адресирањето на отворените политички прашања – Преспанскиот договор со Република Грција и Договорот за добрососедство со Република Бугарија, во ниту еден момент не дозволи намалување на фокусот на земјата од реформската агенда, рече Османи.