Франција и Германија со различен пристап кон проширувањето на ЕУ  

99

Франција и Германија имаат различен пристап кон вклучувањето на земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Францускиот претседател Емануел Макрон предложи формирање нова политичка заедница во Европа, која ќе ги вклучи Украина и Западен Балкан. Германскиот канцелар Олаф Шолц, пак, смета дека е можно да се постигне поефикасно функционирање на ЕУ преку укинувањето на принципот на консензус за донесување одлуки внатре во Унијата.

Според Макрон, централниот дел на Проширената европска заедница би била ЕУ, а во сегашната геополитичка ситуација таа би можела да ги прифати оние земји кои не се или не сакаат да бидат членки на ЕУ. Оваа идеја францускиот претседател ја претстави во понеделникот во Берлин на средбата со германскиот канцелар Шолц, кој ја нарече идејата на Макрон „многу интересна“.

Станува збор за идеја која потсетува на привилегирано партнерство, кое ЕУ долго време сака да ѝ го понуди на Турција – како еден вид „утешна награда“, наместо полноправно членство. Својата идеја Макрон ја претстави и во Европскиот парламент во Стразбур, каде што се одржа Конференцијата за иднината на Европа. Франција во моментов претседава со Советот на Европската Унија.

Во ЕУ постои голем скептицизам за идејата за натамошно проширување, особено во Франција. Исто како и неговите претходници во Елисејската палата, Макрон наместо тоа се залага за продлабочување на интеграцијата во ЕУ во сегашниот состав, па затоа во понеделникот предложи и промена на Договорот за ЕУ, односно укинување на консензусот при носење одлуки кои се однесуваат, да речеме, за фискалната или одбранбената политика. Според тој предлог, се предвидува одлучување со „квалификувано мнозинство“ гласови.

И покрај фактот што германскиот канцелар Шолц позитивно реагираше на предлозите на Макрон, тој експлицитно порача дека идејата не би смеела да доведе до откажување од ЕУ перспективата на шесте земји од Западен Балкан, односно да им се оневозможи влез во Унијата. Поради руското и кинеското влијание во регионот, Шолц минатата недела се заложи за влез на Србија, Албанија, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и БиХ во Европската Унија – и тоа што е можно поскоро. На барањата на Макрон за промена на Договорот за ЕУ, Шолц одговара дека Германија нема да биде „кочничар“. Сепак, според него, можно е да се постигне поефикасно функционирање на ЕУ и на други начини. Како пример го наведе укинувањето на принципот на консензус за донесување одлуки внатре во Унијата.

Дури 13 земји од ЕУ во понеделникот се спротивставија на францускиот предлог, меѓу кои се и скандинавските членки, како и Хрватска, Словенија и Полска. За усвојување на измените на Договорот за ЕУ потребна е поддршка од сите 27 земји, односно ратификација во парламентите на сите членки на ЕУ.

Ова покажува дека сè уште не се знае со сигурност што ќе донесе европскиот самит, кој Франција ќе го организира на 23 јуни. Српскиот претседател Александар Вучиќ во средата вечер од Брисел, по вечерата на министерот за надворешни работи на ЕУ, Жосеп Борел, со лидерите на Западен Балкан, истакна дека јунскиот самит ќе биде интересен, посебно во однос на одлуките.

„Ќе биде многу интересно и за одлуките што ќе се донесат. Како да објасните дека немате позитивна одлука за нив (Северна Македонија), а има за некои за кои до вчера не се размислуваше. Ситуацијата не е едноставна и мораме да носиме рационални одлуки“, посочи тој.