Франција е подготвена да разговара за автономијата на Гвадалупе

197

Франција е подготвена да разговара за автономија на француската карипска територија Гвадалупе, доколку тоа е во интерес на луѓето кои живеат таму. Ова го соопшти министерот од француската влада Себастиен Лекорну.

Во Гвадалупе и блискиот француски остров Мартиник веќе неколку дена има протести против мерките за Ковид-19, кои ескалираа во насилство.

Лекорну, францускиот министер за странство, во видео на Јутјуб рече дека некои избрани функционери во Гвадалупе го покренале прашањето за автономија, со цел да го сменато статусот на прекуокеанскиот регион.

„Владата е подготвена да зборува за ова. Нема лоши дебати, сè додека овие дебати служат за решавање на вистинските секојдневни проблеми на жителите на Гвадалупе“, рече тој.

Тоа беше една од серијата иницијативи за кои рече дека париската влада ќе ги преземе во Гвадалупе, вклучително и подобрување на здравствената заштита, инфраструктурни проекти и проект за отворање работни места за младите луѓе.

Француската влада оваа недела објави дека ќе го одложи барањето вработените во јавниот сектор во Гвадалупе и Мартиник задолжително да се вакцинираат против Ковид-19. Ова предизвика протести, разгорувајќи ги долгогодишните поплаки за животниот стандард и односите со Париз.

Во Гвадалупе, постои историска недоверба во справувањето со здравствените кризи од страна на француската влада, откако многу луѓе беа изложени на токсични пестициди користени во плантажите со банани во 1970-тите.