Франција дели еднократна помош – по 100 евра на 38 милиони жители

70

Француската влада соопшти дека ќе исплати еднократна финансиска помош од 100 евра за секој жител на земјата чии месечни нето примања се пониски од 2.000 евра, со цел да се олеснат нивните трошоци по растот на цените на горивата и енергенсите.

Паричната помош наречена „инфлациска исплата“ ќе опфати околу 38 милиони граѓани на Франција по автоматизам, а во нив се опфатени и оние кои не возат автомобил или мотор.

Првите исплати на оваа помош ќе започнат кон крајот на декември на вработените во приватни компании, додека администрацијата, студентите и пензионерите ќе ги добијат овие пари на почетокот на 2022 година.

Овие пари ќе бидат ослободени од оданочување, а според премиерот Жан Кастекс оваа мерка ќе ја чини владата 3,8 милијарди евра, што, според него, е далеку помал трошок од намалување на акцизата на горивата.

Европа се соочува со широко незадоволство по растот на цените на енергенсите на глобално ниво, што е последица на големата побарувачка од бизнисите кои се опоравуваат од долгогодишната парализа поради Ковид-19. Нарушувањето на пазарот со енергенси имаше и домино ефект при што се нарушија ланците на достава и предизвикаа недостатоци на горива и други производи за широка потрошувачка.