Франција вети национален план за намалување на бројот на жени убиени од свои партнери

46

Француската Влада, под невиден притисок на јавноста, денеска вети дека ќе одземe огнено оружје од сопружници кои злоставуваат свои сопруги и дека подобро ќе ја обучи полицијата во рамки на широк национален план за намалување на бројот на жени убиени од свои партнери.

Франција има една од највисоките стапки на семејно насилство во Европа и за претседателот Емануел Макрон тоа е „срам за Франција”.

Премиерот Едуард Филип денеска откри десетици мерки за решавање на проблемот вклучително и електронски нараквици за насилници и 1.000 нови места во прифатилишта за жени жртви на насилство.

Денешната најава означи крај на двомесечниот владин проект за исправање на она што Филип го нарече „дисфункции” во Франција како одговор на насилствата во семејството.

Само во оваа година во Франција беа убиени 138 жени – убиени од свои партнери или поранешни партнери.

Франција е една од државите во Европа со највисоко ниво на такви злосторства. Владата следната година ќе издвои 360 милиони евра за спроведување нови мерки за кои Филип рече дека се надева дека ќе послужат како „електрошок” за француското општество.

Владата ќе креира и превентивни програми во школите, ќе го одреди психичкото насилство како облик на семејно насилство и ќе отвори два центра во секој регион со цел пронаоѓање извршители.

Филип додаде дека Владата ќе отвори 80 работни места во државата за полицајци кои ќе се занимаваат со обвинувања за семејно насилство.