Токму сликата на рибарскиот град во Гренланд победи во остра конкуренција, а главната награда од 7.500 долари му припадна на фотографот Веимен Чу за оваа фасцинантна зимска фотографија. Таа го покажува Упернавик, чии мали, шарени домови се покриени со снег и густа магла

„Гренландска зима“ е фотографијата, која годинава ја доби големата Гранд при награда на Нешнл џеографик, кој деновиве ги објави резултатите од својот традиционален фото-натпревар, на кој беа собрани илјадници неверојатни фотографии. Победниците и овој пат беа побарани во категориите „природа“, „градови“ и „луѓе“, а нивните фотографии веќе предизвикаа големо внимание во светот.

Токму сликата на рибарскиот град во Гренланд победи во остра конкуренција, а главната награда од 7.500 долари му припадна на фотографот Веимен Чу за оваа фасцинантна зимска фотографија. Таа го покажува Упернавик, чии мали, шарени домови се покриени со снег и густа магла.

„Чувството беше повеќе од хармонично. Целата земја беше под снежната покривка, а сината боја на самракот го направи местото уште поладно. Сепак, светлината од прозорците, уличните светилки, како и семејството од три лица, придонесе сцената да изгледа потопло“, вели Чу, кој додаде дека на фотографијата му се допаѓа контрастот и расположението.

Годишниот фото-натпревар привлече учесници од повеќе од 150 земји. Изборот се состоеше од голем број кругови на проценка базирани на креативноста, квалитетот на сликата и автентичноста на содржината.

Фотографијата на Чу ја доби и првата награда во категоријата „градови“. Второто место во истата категорија го освои фотографијата „Во време на авијацијата“ на Јасен Тодоров. Постојат четири писти на меѓународниот аеродром во Сан Франциско, а фотографијата е редок поглед на приодните патеки. Третото место, пак, му припадна на Sandipani Chattopadhyay за „Улиците на Дака“.

Фотографијата прикажува како луѓето се молат на улиците на градот. „Следејќи ја светлината“, пак, е изборот на публиката во категоријата „градови“, а  фотографијата настанала во будистичката академија Седа Ларунг Гар, во близина на тибетанскиот град Ларунг Гар каде што илјадници луѓе животот го поминуваат во тишина и медитација.

„Нежните очи“ е наслов на фотографијата на Tamara Blazquez  која ја доби првата награда во категоријата „природа“. Во Националниот парк Монфрагу во Шпанија, насликан е белоглав суп (мршојадец). „Реката Колорадо“ на Стас Бартникас е избор на публиката во оваа категорија.

Првата награда во категоријата „луѓе“, ја доби фотографијата „Претстава“ на Huaifeng Li, на која се прикажани актери кои се подготвуваат за вечерната опера во округот Шанси во Кина.

„Како да го дресирате својот змеј“ е насловена фотографијата од Лео Квок, која во категоријата „луѓе“ е избор на публиката. Луѓето во градот Мејџоу во Кина изведоа игра на огнениот змеј, осветлени со искри од растопено железо за да го прослават Фестивалот на лампионите.