„Бидејќи го пронајдов материјалот, редно беше да го обработам и да ѝ го покажам на јавноста. Иако не се работи за голем период, тоа е крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години, поточно од средината на 1989 до 1994 година, тоа е период кој е значаен за нашата држава. Се работи за осамостојувањето и за големи општествено-политички промени и токму од тој материјал направив избор на фотографии, кои се поставени на изложбата“, вели Станко Неделковски, кустос во Музејот на Град Скопје. Изложбата е отворена во КИЦ и ќе трае до 14 декември

Во галерискиот простор на Културно- информативниот центар во Скопје од завчеравечер е отворена изложбата „Точки на интерес“, на која е претставен дел од богатиот фотографски опус на доајенот на македонската фотографија, Живко Јаневски (1940-2000). Првите денови на плурализмот, новото Собрание, заминувањето на ЈНА од Македонија, протестите за враќање на македонските војници од ЈНА, посетите на значајни политички претставници од повеќе земји, како и културни и спортски настани… Сите овие случувања се забележани на претставените фотографии, кои беа проследени со голем интерес.

„Бидејќи го пронајдов материјалот, редно беше да го обработам и да ѝ го покажам на јавноста. Иако не се работи за голем период, тоа е крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години, поточно од средината на 1989 до 1994 година, тоа е период што е значаен за нашата држава. Се работи за осамостојувањето и за големи општествено- политички промени и токму од тој материјал направив избор на фотографии, кои се поставени на изложбата. Целта беше да се одбележат случувањата во тој период, кој, можеби, е подзаборавен и на кој некои и не се сеќаваат и не го знаат. Сакавме да се направи изложбата и, секако, да се сочуваат овие фотографии“, вели Станко Неделковски, кустос во Музејот на Град Скопје, во Одделот за современа фотографија и филмски материјал.

Во рамките на изложбата, претставени се 110 црно-бели фотографии, дигитално испечатени. Сите овие фотографии остануваат во Музејот како збирка фотографии од Живко Јаневски.

Поставката е дел од истражувачкиот проект на Одделот од 2020 година, именуван „Меморијата на Живко Јаневски“, во рамките на кој е направен детален увид на материјалите што се наоѓале во пронајдените „жолти коверти“ во периодот на „распаѓањето“ на НИП „Нова Македонија“.

Истражувањето во големиот материјал од 285 црно-бели филмови и 9.500 негативи, според истражувачите, упатува на сознанието дека се работи за еден релевантен документарен и авторски исказ. Поголемиот дел од фотографиите биле објавени, служејќи како илустрации на текстови или студиозни презентации на одредени проблеми и теми.

Инаку, Живко Јаневски бил прогласен за мајстор на фотографија на Југославија во 1974 година, а наредната година, во Берн, го добил највисокото меѓународно признание за уметничка фотографија – ЕФИАП. Со фотографија почнал како член на белградските фотоклубови „Електромашинац” и „Београд” (1957-1968), а професионално, по враќањето во Скопје (1968).

Целиот свој работен век го минал во НИП „Нова Македонија”, како соработник и уредник на фотографија на „Нова Македонија”, „Вечер”, „Журнал”, „Екран”, „Починка”, „Пулс”. Имал седум самостојни изложби, излагал уште на дваесетина групни изложби во најзначајните фотосалони во светот. Освоил 84 награди. Во 2001 г. е востановена годишната гран-при награда „Живко Јаневски” за најуспешни фоторепортерски остварувања.

Изложбата ќе биде отворена до 14 декември. (Д.Т.)

Фото:Ѕ.Плавевски