ФОТОВЕСТ: Метална прачка виси од мостот на полуурнатата галија – опасност да падне врз минувачите

202

Метална прачка виси од мостот што го спојува кејот „13 Ноември“ со сега полуурнатата галија кај „Холидеј ин“. Под мостот секојдневно минуваат рекреативци и надвиснатата прачка над нивните глави е потенцијална опасност за нив.

Откако Град Скопје го доби судскиот спор со кираџиите на галијата, на кои им беше наредено да се иселат, почна нејзиното отстранување, дел по дел. Прво беше откорната влезната врата и се почна со демонтирање на внатрешноста, а во тоа многу помогнаа и лица од ромска националност, кои набрзина однесоа дел од дрвенаријата и слично.

Сега, во внатрешноста е мрачно и небезбедно. Таблите по кои некогаш се газело, сега ги нема на повеќе места. Може да се пропадне во отворените дупки ако не се внимава каде се гази. Како потенцијално опасен за безбедноста, околината на овој објект треба да се огради и да се обезбеди сè додека не заврши неговото целосно отстранување.

Во Законот за градење, поимот „отстранување“ се дефинира како изведување работи на уривање или на демонтирање градба, градежен објект или негови делови, на собирање и транспорт на градежниот материјал и отпад создаден со уривањето, односно со демонтирањето на градбата и на соодветно уредување на земјиштето.

(С.Бл.) – Фото: Ѕ. Плавевски