Фон дер Лајен: Се надевам дека во следните шест месеци ќе бидат отворени преговорите со Македонија и Албанија

28

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се надева дека во следните шест месеци ќе бидат отворени преговорите со Македонија и Албанија, а словенечкиот премиер, Јанез Јанша, се обрати пред европратениците како што е обичај при секој почеток на ново претседателство со Унијата. Јанша порача дека Западниот Балкан е многу важен регион за ЕУ, поради што Љубљана во октомври ќе организира лидерска средба помеѓу ЕУ и регионот.

За Словенија проширувањето е логичниот одговор на геостратешките предизвици со кои се соочува Европската Унија, и перспективата кон Западниот Балкан, но и кон земјите од Источното партнерство како Украина, треба да заживее повторно.

-Оваа перспектива треба да биде опиплива за да може сегашната генерација да верува дека ќе се исполни додека е жива, инаку не може да биде поттик, таа мора да биде извор на енергија и инспирација, рече Јанша, додавајќи дека тоа е и најдобар начин да се придобие поддршката на граѓаните и да се поттикнат реформите.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која зема збор веднаш по словенечкиот премиер, ја поздрави волјата на Словенија да го врати Западниот Балкан на дневен ред, меѓу другото со организацијата на октомврискиот самит.

-Уверена сум дека самитот со Западен Балкан ќе испрати важен сигнал до засегнатите земји дека тие се суштински стратешки партнери за ЕУ и се надевам дека словенечкото претседателство ќе умее да даде зелено светло за процедурите со Северна Македонија и Албанија, ова е во наш личен интерес и е прашање на кредибилитет: во ЕУ дадено ветување мора да биде исполнето ветување, рече фон дер Лајен.

Јанша рече дека не ги разбира земјите членки на ЕУ кои се противат на проширувањето, нагласувајќи дека според него тоа е случај и дека во последните петнаесет години ЕУ не само што не се проширила, туку и е намалена. За Словенија, додаде, проширувањето треба да биде врвен приоритет во Советот на ЕУ помеѓу земјите членки.

-ЕУ прави големи чекори напред кога се фокусира на нештата, ако проширувањето стане шеста тема на дневен ред никогаш нема да стигнеме до темата, ако ја кренеме темата ќе можеме да направиме конкретни чекори напред, Албанија и Северна Македонија можат да одат напред на следниот самит во октомври ако се концентрираме сите на тоа, Европската комисија помага, но тоа е политичка одлука, рече шефот на словенечката влада.

Јанша додаде дека тој не ги разбира противниците на проширувањето и изрази надеж дека со дебатите во рамките на Конференцијата за иднината на Европа ќе се отвори таа дискусија.