Фон дер Лајен се допишувала со главниот на „Фајзер“ – ЕУ омбудсманот бара објавување на пораките

134

Надзорот на ЕУ ја критикуваше Европската комисија поради неуспехот да ги пронајде текстуалните пораки меѓу претседателката Урсула фон дер Лајен и директорот на фармацевтскиот гигант „Фајзер“, Алберт Бурла, јави „Политико“.

Пораките биле побарани од новинарот Александер Фанта од сајтот „netzpolitik.org“, откако тие беа спомнати во статија на Њујорк Тајмс минатиот април и се однесуваа на напорите на ЕУ за набавка на вакцини против коронавирус.

Истрагата на европскиот омбудсман Емили О’Рејли покажа дека Комисијата не побарала од канцеларијата на Фон дер Лајен да ги пронајде текстуалните разговори и покрај тоа што Фанта ги побарал. Наместо тоа, побарани биле ставки што ги исполнуваат критериумите на Комисијата за евидентирање „документи“ – дефиниција што не вклучува текстуални пораки.

– Начинот на кој беше третирано ова барање за јавен пристап, значи дека немало обид да се дознае дали постојат какви било текстуални пораки. Ова не ги исполнува разумните очекувања за транспарентност и административни стандарди во Комисијата, изјави О’Рејли.

Случајот ја истакна растечката дебата за тоа како институциите на ЕУ се справуваат со СМС пораките на службениците – особено кога текстовите вклучуваат информации за клучните политички одлуки.

Во статијата на Њујорк Тајмс се наведуваше дека шефицата на комисијата „разменуваше пораки и повици“ со Бурла месец дена и дека „личната дипломатија одигра голема улога“ во договор за купување на 1.8 милијарди дози вакцина. Но, во одговорот на барањето на Фанта, Комисијата изјавила дека нема документи освен емајл, писмо и соопштение за печатот на оваа тема.

Комисијата, меѓудругото, му одговори на тимот на омбудсманот дека „до денес, нема регистрирано никакви текстуални пораки во својот систем за управување со документи“.

Повторно е побарано да се пронајдат спорните пораки.

Фанта изјави дека ќе продолжи да го следи ова прашање. Ако Комисијата одбие да го преиспита неговиот случај, Фанта додаде дека ќе ја разгледа можноста случајот да се изведе на суд.