Фон Дер Лајен доаѓа во Македонија на крајот на месецов

103

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе ја посети земјава и регионот до крајот на овој месец, потврдија од дипломатските служби во Брисел за МИА.

Шефицата на Европската комисија, вчера, од Стразбур најави дека до крајот на овој месец ќе го посети Западниот Балкан со цел да донесе силна порака на поддршка за приклучување на регионот кон Европската Унија.

Во годинешниот говор, фон дер Лајен, го спомена инвестицискиот план што оваа институција го усвои за земјите од регионот минатата есен.

„Инвестирањето во иднината на Западен Балкан е инвестирање во иднината на ЕУ“, рече таа за време на 60-минутниот говор пред европратениците.

Од ЕК потврдуваат дека претседателката ќе ги посети сите шест земји од регионот од 28 до 30 септември.

Претседателката оваа посета ја организира една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи на почетокот на октомври во Брдо, Словенија и чија цел е да се потврди поддршката на ЕУ за регионот како што тоа беше случај со самитот во Софија, а потоа и во Загреб, под бугарско, односно хрватско претседателство.

„Овој самит ќе биде важна пригода не само да се потврди европската перспектива за Западен Балкан и нивната натамошна интеграција туку и да се даде дополнителен поттик за имплементацијата на Економскиот и инвестициски план, кој е срцето на нашиот ангажман со регионот“ – изјавија од Европската комисија.