Фонд за депозити: Исплатата на штедначите на Еуростандард банка ќе почне во рок од 20 дена

111

Обесштетувањето на штедачите во Еуростандард банка ќе почне во рок од 20 дена, информираат од Фондот за осигурување на депозити.

Оттаму појаснуваат дека предмет на обесштетување се  осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност од 30.000 евра по депозит во банка пресметани по средниот курс на Народната банка на 12 август, 2020 година.

-Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година. Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот кои се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката. Под вкупни депозити на еден депонент се подразбира: денарски и девизни депозити и трансакциски сметки на физички лица во банката, депозити врзани за паричните картички издадени од банката, девизни приливи на физички лица и сертификати за депозити издадени од банката, информираат од Фондот.

Граѓаните дополнително ќе бидат известени за датумот за почеток на исплатата и за банката преку која таа ќе се врши. За дополнителни информации, граѓаните кои ги користеле услугите на „Еуростандард Банка” АД Скопје, може да се обратат секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот на е-адресата: info@fodsk.org.mk или на телефонските броеви: 02/ 3235-730 и 02/3235-735.