Флејтистот Хавиер Сантос од Португалија – победник на „Охридски бисери“ 2021

163

Флејтистот Хавиер Сантос од Португалија е апсолутен победник на годинешното дваесетто јубилејно издание на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“ 2021 што деновиве се одржа во Охрид. Сантос е добитник на Гран при и парична премија во износ од 3000 евра, а победи во силна конкуренција на завршниот концерт на победниците во сите дисциплини и категории на натпреварот кој се одржа синоќа во Свечената сала на Општина Охрид.

На завршниот концерт, во присуство на членовите на жири комисијата и дел од менторите на учесниците, настапија единаесетте највиско рангирани натпреварувачи од Германија, Полска, Србија, Хрватска, Португалија, Кина и Македонија.
На младиот уметник покрај највисоката награда Гран при, Општина Охрид му додели и пригодна награда Златна маска, а ја освои и специјалната награда вреден накит огрлица од охридски бисер кое го доделува познатиот охридски мајстор за изработка на охридски бисери Михајло Филев.

„Комисијата во состав: Проф. Детлеф Бенсман – саксофон, Германија, Проф. Гордана Јосифова Неделковска – обоа, Македонија, Проф. Дејан Гавриќ – флејта Германија, Проф. Никола Срдиќ – кларинет, Србија, Проф. Страшо Темков – флејта, Македонија, Проф. Петер Арнолд – хорна, Германија, Проф. Игор Цецохо труба, Полска, Проф. Никола Мијајловиќ – труба, Црна Гора и Проф. Ѓорѓи Ковачевски – труба, Македонија имаше навистина тешка задача да ги избере најдобрите тројца уметници кои ги понесоа вредните награди“, посочува Викица Костоска-Пенева, која е дел од организацијата на „Охридски бисери“.

Второ место и парична награда од 2000 евра освои младиот хорнист Благоја Василевски од Македонија, а третото место и 1000 евра ѝ припадна на Лили Падагс на саксофон од Германија. Наградите на најуспешните учесници ги врачи претседателот на натпреварот „Охридски бисери“, Ѓорѓе Улишев.

Годинешен добитник на ЕМСИ, награда која ја доделува Меѓународната асоцијација на музички натпревари, пак, е Јиржи Свјањевич на труба од Полска и доби едногодишна промоција на веб страната на ЕМСИ и концерти во повеќе европски музички центри како и учества на престижни мастер-класи и семинари со познати педагози ширум Европа.

Наградата на Фондацијата „Зографски“ која се состои од диплома и реплика од стар македонски накит, а се освојува за најуспешна изведба на дело од композиторот Томислав Зографски годинава ја доби Јана Каевска на флејта од Македонија, а наградата за најуспешна изведба на дело од македонски композитор, пак, што ја доделува Сојузот на композиторите на Македонија, ја доби Христина Маријакаки на флејта од Грција за изведба на делото „Дојранка“ од македонскиот композитор Трајко Прокопиев. Благоја Василевски ја понесе и наградата за најуспешен натпреварувач од Македонија која се состои од настап – полурецитал на фестивалот „Златна лира“, а ја доделува Сојузот на музичките уметници на Македонија. Годинава како новина на натпреварот е соработката со германската Фондација „Двајт и Урсула Мамлок“ која на саксофонистите Лили Падагс од Германија и Болианг Лиу им додели парична награда од 150 евра. Исто така, семејството на германскиот композитор Волфганг Јакоби доделува парична награда од 300 евра за изведба на неговата соната за Алтсаксофон и пијано, награда која ја освои Лили Падагс.

Организацискиот одбор на „Охридски бисери“ годинава, и со сè уште важечки рестриктивни мерки заради светската пандемија, создаде услови за непречено одржување на натпреварот со присуство на седумдесетина учесници и девет членови на жири од 15 држави. Младите музичари, пак, во дисциплините флејта, кларинет, обоа, саксофон, труба, хорна и камерна музика се одзваа на поканата на организаторот и дојдоа во Охрид искористувајќи ја можноста да музицираат на концертен подиум „во живо“.