„Фич“ и „Стандард и пурс“ прогнозираат годинава македонската економија да падне од 4,2 до пет проценти

И двете агенции во своите извештаи ги нотираат мерките на Владата насочени кон зачувување на работните места, поддршка за најпогодените индустрии, како и меките регулаторни мерки. Наведуваат дека тие мерки ќе придонесат за зголемување на буџетскиот дефицит и ќе влијаат на зголемување на државниот долг кој според нивните проценки ќе се приближи до 50 проценти од БДП. За банкарскиот сектор и за денарот се наведува дека се стабилни

77

И во време на економска криза државата го задржува кредитниот рејтинг што го има. Кредитните агенции „Фич“ и „Стандард и Пурс“ го потврдија во своите најнови прогнози и тоа „Фич“ ја оцени земјава со ББ+ со негативен изглед поради глобалната пандемија на ковид-19, додека „Стандард и Пурс“ со ББ-со стабилен изглед.

Како последица од кризата, како и сите други меѓународни и домашни организации и институции и двете рејтинг агенции одат со прогнози дека оваа година ќе има пад на бруто домашниот производБДП , а нов нов раст дури следната. Најголем минус на економијата прогнозира „Стандард и пурс“, од дури пет проценти, а смета дека растот следната година ќе биде 3,8 насто. „Фич“ е малку поумерен, па смета дека падот годинава ќе изнесува 4,2 проценти, а растот следната 5,1 насто. За разлика од нив прогнозата на Светска банка е пад на економијата годинава од 3,2 процента, на ММФ од четири проценти, на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) од 3,5 проценти, на Европската комисија од 3,9 проценти, а од домашните институции Народната банка проектираше пад од 3,5 проценти, а Министерството за финансии од 3,4 проценти.

Кредитните агенции во своите извештаи за земјава ги нотираат мерките на Владата насочени кон зачувување на работните места, поддршка за најпогодените индустрии, како и меките регулаторни мерки. Како што се наведува и во двата извештаја тие мерки ќе придонесат за зголемување на буџетскиот дефицит и ќе влијаат на зголемување на државниот долг кој според проценките на кредитните агенции ќе се приближи до 50 проценти. Заедно со опоравувањето на економијата се предвидува и намалување и стабилизирање на буџетскиот дефицит.

За банкарскиот сектор се наведува дека е стабилен исто како и домашната валута која има фиксен курс со еврото. „Фич“ напоменува оти банкарскиот систем има здрави основи и висока ликвидност и е во добра кондиција, што овозможува да придонесе за ублажување на шокот од корона кризата, обезбедувајќи кредитна поддршка за македонската економија. Агенцијата смета дека банкарскиот систем е подготвен да ги апсорбира кредитните загуби коишто се очекувани во текот на корона кризата, но истовремено очекува оваа година да има благ пораст на вкупните кредити. „Стандард и пурс“, пак нотира дека во услови на неизвесност поради пандемијата, притисоците врз депозитната база биле од краткотраен карактер, како во однос на динамиката, така и во однос на промените во валутните преференции, посочувајќи на трендови на раст девизните резерви и стабилни движења на девизниот пазар.

Од ваквите оценки на двете агенции се задоволни и Министерството за финансии и Народната банка.

– Како што се наведува и во двата извештаја мерките ќе придонесат за зголемување на буџетскиот дефицит и ќе влијаат на зголемување на државниот долг кој според проценките на кредитните агенции ќе се приближи до 50 проценти. Заедно  со опоравувањето на економијата се предвидува и намалување и стабилизирање на буџетскиот дефицит, наведе Министерството за финансии.

Народната банка посочи дека двете агенции потврдиле дека монетарната политика на земјава е соодветна, а банкарскиот систем е здрав и останува стабилен.

– Во соопштенијата на „Стандард и пурд“ и „Фич“ посебен акцент е ставен и на мерките на централната банка, преземени за поддршка на економијата во условите на глобалната пандемија на ковид-19, како што се релаксирањето на монетарната политика и регулаторната флексибилност, како мерки коишто треба да го поддржат кредитниот циклус и да придонесат економијата да се справи со ефектот од кризата.  Во однос на следниот период, од двете агенции укажуваат на неповолните ризици од корона кризата врз економијата од една страна, но и на позитивните ризици од засилени структурни и институционални реформи, во рамки на евроинтеграцискиот процес, оцени Народната банка.

(С.В.)