Фирми и граѓани го тужат катастарот за 6,5 милиони евра

283

Фирми и граѓани преку судски процеси бараат од Агенцијата за катастар на недвижности да им исплати вкупно 6,5 милиони евра. Ова се констатира во ревизорскиот извештај за работењето на катастарот во 2017 година.

– Исходот на постапките може да има влијание на износот на расходите на Агенцијата, констатира ревизорот.

Исто така, во извештајот е наведено дека и катастарот води судски спорови против фирми и граѓани, од кои побарува околу 76 илјади евра за
ненаплатени фактури за извршени катастарски услуги и за надомест на штети.
Ова се само дел од констатациите за финансиското работење на катастарот од ревизијата направена лани за 2017 година. Во периодот за кој се однесува ревизорскиот извештај, Катастарот го воделе двајца директори и тоа Славче Трпески, кој на негово чело бил од 12 мај 2012 година до 3 август 2017, кога го наследил актуелниот директор Борис Тунџев.

– Агенцијата не располага со евиденција за имот/недвижните ствари со кои располага РМ, односно кој го користат или е во сопственост на државните органи и други правни лица основани од државата, нотира ревизорот во извештајот.

Оваа констатација се базира на наодот дека Катастарот нема доставено предлог за единствен идентификационен број до Владата, врз основа на кој ќе воспостави евиденција на недвижниот имот во државна сопственост што го користат државните органи. Затоа, ревизорот го задолжува одговорното лице во АКН во соработка со Владата да преземе мерки и активности за утврдување на бројот и за воспоставување на единствена евиденција за имотот со кој располага државата. Во одоговорот на овој наод Катастарот наведува дека има увид во државните недвижности, но ги евидентира на поинаков начин. Ревизорот тоа не го прифаќа со образложение дека единствен идентификационен број е обврска од Законот за користење и располагање со ствари во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост.

Пронајдени се неправилности и кај евиденцијата на имотот што го поседува или користи и самиот катастар, како на пример дека нема имотен лист за канцеларијата во Струмица и за земјиштето на кое се објектите во Скопје, Прилеп и Кратово. Агенцијата за катастар на недвижности дава појаснување и документи за овие и уште неколку објекти дека се во туѓа соственост, а правото да ги користи е приблележано во имотнито лист, што ревизорот делумно го прифаќа.

На Катастарот му се забележува и дека извршил погрешна пресметка на вредноста на земјиштето што го поседува, па се задолжува ревалоризацијата да ја изврши според пазарната вредност што ќе ја утврди комисија формирана од опшнината на чие подрачје се наоѓа тоа земјиште.

Уште еден наод на ревоизорот е дека на вработените во Кастастарот им се пресмстувани повисоки плати од она што требало, затоа што додатокот за стаж наместо на основната плата им се додавал на платата со додатоци за прекувремена работа, ноќен труд и друго. Исто така, не бил извршен попис на мобилните телефони дадени на користење на вработените, како и на опремата дадена на користење кај други правни субјекти

Ревизорот посочува и на записник од Државниот управен инспекторат со кој се констатира дека има неправилности и при унапредување на 128 административни службеници направено во 2016 година. Тие биле унапредени без согласост на Министерството за финансии за потребните финансиски средства, па се оценува дека биле нарушени начелата за еднаков пристап до работното место.

(С.В.)