Фирмите и граѓаните нема да ги плаќаат кредитите?

Народната банка интензивно ги следи состојбите и можните ризици врз домашната економија предизвикани од ширењето на новата вирусна инфекција ковид-19, а во овој контекст и разгледува потенцијални мерки кои би се презеле доколку се оцени за потребно. За евентуално привремено прекинување на наплатата на кредитите ќе биде потребен координиран пристап, информираат од Народната банка

3433

Погодени од штетите што врз глобалната економија ги предизвикува новиот корона вирус, кои се проценуваат како поголеми од оние од последната светска економска криза, но и од мерките што ги презема нашата Влада за да го спречи ширењето на оваа болест, македонскиот бизнис бара помош од државата. Меѓу другото, во повеќе наврати досега е побаран и мораториум на плаќањето на ратите на банкарските кредити. Евентуалното ширење на вирусот во неповолна финансиска ситуација би ги ставило и граѓаните, па оваа мерка би била потребна и за нив. Барањата се поткрепуваат со таквите интервенции во полза на фирмите и граѓаните во повеќе земји во светот погодени од корона вирусот, како на пример Италија, САД, Виетнам и други.

Ваков вид олеснувања за граѓаните и фирмите побара и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Меѓу низата мерки што ги предложи, како што рече за реализација овој месец се замрзнување на обврските кон државата на компаниите, чија работа е погодена со настанатата ситуација со корона вирусот и замрзнување на нивните обврски кон банките и заемодаваталите. Исто така, тој предлага обврската за сторнирање и плаќање на каматите на граѓаните и стопанството кон банките и заемодавателите да ја преземе Владата.

Народната банка која е надлежна за банкарскиот систем засега не најавува таква мерка. Но, на нашето прашање дали ќе се преземе нешто во тој правец оттаму одговараат дека се разгледуваат потенцијални мерки кои би се презеле ако има потреба.

-Наплатата на кредитите се одвива редовно и засега не се регистрирани позначајни знаци на влошување на кредитоспособноста на клиентите. Сепак, економските ефекти од корона вирусот сè уште се неизвесни на глобално ниво и зависат од времетраењето и силината на овој неочекуван шок. Оттаму, Народната банка интензивно ги следи состојбите и можните ризици врз домашната економија предизвикани од ширењето на новата вирусна инфекција ковид-19, а во овој контекст и разгледува потенцијални мерки кои би се презеле доколку се оцени за потребно. За евентуално привремено прекинување на наплатата на кредитите ќе биде потребен координиран пристап, се вели во писмениот одговор од Кабинетот на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Во централната банка ценат дека најзначајно што треба да се истакне во овој момент е дека нашиот банкарски сектор е стабилен, ликвиден и високо капитализиран, што го прави отпорен на шокови, меѓу кои се и можните ефекти врз економијата од ширењето на вирусот ковид-19. Додаваат и дека адекватноста на капиталот е околу 17 отсто, што остава доволен простор за апсорбирање на загуби во случај на материјализација на кредитниот ризик.

-Ликвидноста е повисока во однос на периодот на глобалната економска криза од 2008 година, а повисок е и квалитетот на активата на банкарскиот сектор. Нивото на нефункционални кредити се движи околу 4,8 проценти и е едно од најниските споредено со земјите од регионот, посочуваат од кабинетот на гувернерот.

Како што јавуваат светските медиуми, мерки за помош на фирмите и граѓаните веќе се донесени во Италија, земја во која болеста ескалираше најмногу во Европа. Имено, италијанската влада го прошири пакетот мерки насочени кон ублажување на ефектите од епидемијата на корона вирусот врз економијата и општеството и најави суспензија на обврските за плаќање на режиски трошоци, даноци и рати за кредит. Министерот за индустрија Стефано Патуанели соопшти дека италијанската влада ќе одобри мерки во вредност од околу 10 милијарди евра, а првата фаза ќе вклучи суспензија на обврската за плаќање на режиски трошоци, даноци и рати за кредит со цел да се намали притисокот врз домаќинствата и малите бизниси. Тоа практично значи дека во борбата со корона вирусот ќе бидат потрошени околу 2,5 милијарди евра повеќе од досега планираните.

Помош за малите бизниси и граѓаните најавија и банките од САД. Пред неколку дена луѓе од врвот на американскиот банкарски систем се сретнаа во Белата куќа со претседателот Доналд Трамп, а како што пренесоа медиумите, нивната порака од средбата била дека американските банки се доволно силни и подготвени да им помогнат на малите компании и на граѓаните доколку продолжи ширењето на корона вирусот. На состанокот првите луѓе на „Американ банк“ , „Голдман Сакс“, „Сити банк“, „Џи Пи Морган“ и на други банки увериле дека банките се стабилни, дека нема финансиска криза и дека се подготвени да ја поддржат ликвидноста на економијата.

Во одговор на новиот корона вирус и за поддршка на светската економија помош понудија и централните банки и министрите за финансии од земјите на Г7. Во заедничката изјава по итниот конференциски повик на почетокот на месецов министрите рекоа дека ќе ги искористат „сите соодветни политички средства“ за да постигнат силен одржлив раст и безбедност од ризик од ширење на корона-вирус, што предизвикува страв од глобална рецесија.

Како што јави „Ројтерс“, Централната банка на Виетнам им наредила на комерцијалните банки „да ги елиминираат, намалат или одложат каматните исплати на кредити од компании кои се соочуваат со значајни загуби како резултат на појавата на корона вирусот“.

-Наредбата се однесува на сите доспеани плаќања од 23 јануари до 30 март. Комерцијалните банки треба да ги проценат загубите што компаниите ги претрпеле како резултат на епидемијата и да обезбедат одржување на кредибилитетот за идните заеми, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Државната банка на Виетнам, што го пренесува агенцијата.

Активности од националните влади и централните банки како одговор на епидемијата на корона вирус кога ќе се разјасни неговото влијание врз економијата очекува и Меѓународниот монетарен фонд. Ова го загатна  директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, во својот говорот на безбедносната конференција во Минхен, што се одржа кон средината на февруари.

(С.В.)