Финска ќе испрати оружје во Украина

30

Финска ќе испрати 1.500 проектили, 2.500 јуришни пушки, 150.000 парчиња муниција и 70.000 воени оброци, соопшти денеска финската Влада.

– Ситуацијата во Украина е исклучително тешка поради рускиот воен напад и има итна потреба од одбранбен материјал, се наведува во соопштението.

Хелсинки вчера објави дека ќе испрати во Украина панцири, композитни шлемови и опрема за прва помош.

Финската премиерка Сана Марин претходно истакна дека земјата донела „историска“ одлука да и испорача оружје на Украина по руската инвазија на нејзиниот прозападен сосед.

– Финска ќе обезбеди воена помош за Украина. Тоа е историска одлука за Финска, изјави Марин на прес-конференција.

Поголемиот дел од Финците сега се за влез во НАТО, според анкетата објавена денеска што се толкува како историска промена во ставот и голема промена во споредба со пред само неколку месеци.