Финишираат градежните работи во Домот за стари лица во Пробиштип

25

Пробиштип во текот на летните месеци се очекува да го отвори Домот за стари лица, во којшто можат да се сместат 54 станари.

Градоначалникот на Општина Пробиштип Драган Анастасов вели дека изминатите месеци завршена е новата водоводна и канализациска мрежа, поставена e и нова електрична инсталација.

Домот за стари лица е сместен во зградата на Здравствениот дом, кој со години не се користи, и на овој дел од објектот комплетно е сменета покривната конструкција.

-Во моментов се лепат плочки во просториите и се работи на фасадата, која ќе биде енергетски ефикасна, по што ќе следи и фазата на внатрешно уредување и опремување на Домот за стари лица, вели Анастасов.

Проектов е вреден околу 55 милиони денари, а во него треба да се вработат 34 лица медицински персонал, во најголем број негуватели и технички персонал.

Во Штип засега доизградбата на Домот за стари лица е во мирување бидејќи објектот има статус на дивоградба. Но, проблемот се очекува да се реши со новиот Закон за дивоградби, кој е во собраниска процедура.

Извор: МИА