Филхармонија со Заратустра на 26 септември ја отвора новата сезона

152

Во 2020 Филхармонијата прославува и значаен јубилеј – 75 години од формирањето. По овој повод се подготвува роденденски концерт кој ќе се одржи на 21 ноември, а ќе гостува кинеската пијанистка Зи Зи. На роденденскиот концерт ќе присуствуваат министрите кои ќе учествуваат на Самитот на земји од Централна и Југосточна Европа и Кина „16+1“, кој тогаш ќе се одржува во Скопје

Со музичката поема „Така зборуваше Заратустра“, антологиско дело на Рихард Штраус, Филхармонијата на 26 септември ја започнува новата концертна сезона (2019-2020) насловена „Моја бесмртна љубов“.

Директорот на филхармонијата Виктор Илиески најавувајќи ја програмата откри дека како солист на првиот концерт во новата сезона ќе настапи врвниот руски пијанист Александар Мелников, кој ќе го изведе Клавирскиот концерт број 1 од Бетовен, а чија изведба според критичарите е проткаена со предизвикувачки и саркастичен хумор. Со оркестарот ќе диригира Антони Вит, еден од највлијателните полски диригенти.

Инаку, насловот на новата сезона „Моја бесмртна љубов“, како што објасни и

Илиевски алудира на писмата кои Лудвиг ван Бетовен ги адресирал на неговата мистериозна „бесмртна љубов“, кои и денеска се пример за деликатно и емотивно обраќање кон љубената.

„Со оваа посвета на Бетовен, која нема да биде одбележана само со насловот на сезоната туку и преку изведба на негови дела, Филхармонија се вклучува во одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на овој германски композитор која ќе се прославува насекаде во светот во 2020 година“, истакна Илиески.

Во 2020 Филхармонија прославува и значаен јубилеј – 75 години од формирањето.

„По повод овој значаен јубилеј нашата институција подготви роденденски концерт, кој ќе се одржи на 21 ноември. На роденденскиот концерт ќе  присуствуваат министрите кои ќе учествуваат на Самитот на земји од Централна и Југосточна Европа и Кина „16+1“, кој тогаш ќе се одржува во Скопје. Тоа е голема чест и привилегија за нас како институција бидејќи овој концерт ќе претставува и презентација и промоција на нашата музичка традиција во пошироки рамки – истакна Илиески. На концертот ќе гостува кинеската пијанистка Зи Зи.

Во рамките на програмата беше најавен концерт на францускиот контрабасист Рено Гарсија Фонс со нашиот диригент Емин Џијан на 24 октомври, оркестарска верзија на оперските дела од Вагнер на концерт во јануари, проектот за млада публика „Нијанси  на црно“ на холандската пејачка Шерон Ковац со изведба на познати песни во џез-аражмани, стандардните концерти за Денот на вљубените на 14 февруари и Новогодишниот гала-концерт, кој ќе биде изведен на 27 декември, како и јубилејни концерти за годишнините од раѓањето на македонските композитори Томислав Зографски и Гоце Коларовски.

Меѓу солистите, пак, кои ќе настапат на концертите на Филхармонија во 2019-2020, се и германско-францускиот виолончелист Николас Алтштед, израелскиот виолинист Вадим Глузман, Естер Ју – американска виолинистка со корејско потекло, рускиот пијанист Дмитриј Маслеев – победник на натпреварот „Чајковски“ во 2015, сопранистките Маша Бругергросман и Софи Горделадзе од Романија. И во новата сезона можност за настап во Филхармонијата ќе имаат македонски музичари – виолинистот Александар Димчевски, кој е концерт-мајстор на оркестарот во Будимпешта, Фросина Богдановска – виолинистка во Радио оркестарот во Виена, како и баритонот Горан Начевски.

„Во новата сезона, публиката ќе има можност да слуша солисти кои настапуваат со водечките оркестри во Европа и Америка. Во нашиот напор на публиката да и претставиме програмска разновидност, мислам дека успеваме и се носиме рамо до рамо со оркестрите во регионот, но и пошироко, рече Нолчева.

Концерт-мајсторите Ана Кондратенко и Владимир Костов, пак, истакнаа дека очекуваат уште побројна публика и дека им е задоволство и предизвик да соработуваат со врвни уметници од светот. Кондратенко соопшти дека во новата сезона ќе бидат почести и концертите на камерните ансамбли во малата сала.

Блок-билети за сите концерти – 9.000 денари

До 15 септември публиката ќе може да купи блок-билети за новата сезона  промотивно по цена од 9.000 денари. Со оваа можност на публиката ќе ѝ биде олесното купувањето на билетите, а со тоа и подостапна ќе ѝ стане концертната понуда на нашата институција. Доколку се купуваат индивидуално билетите ќе чинат 13.000, во редовна продажба по 15 септември блок-билетите се 10.000 денари. Од оваа сезона, публиката за првпат ќе може да купи билет за концертите на Филхармонија, директно на веб-страницата на институцијата.