Филм: „Лара“ и „Езерото на дивите гуски“ – на Браќа Манаки

111

„Лара“ во режија на Јан-Оле Герстер чиј кинемтографер e Френк Грибе е филмот што ќе се прикаже утревечер (20 септември), со почеток од 20 часот, во Центарот за култура во Битола, а во рамки на главната Компетиција Камера 300 на 40. јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.Во филмот што е во германска продукција, Лара го слави 60. роденден и во оваа посебна вечер нејзиниот син ќе одржи дебитантски пијано-концерт. Лара ја зацртала неговата музичка кариера, но не е добредојдена на дебитантскиот настап. Дури и покрај обидите на Лара, сè излегува од контрола…

Истата вечер, подоцна и на истата локација, од 22,20 часот ќе се прикаже „Езерото на дивите гуски“ на режисерот Јинан Диао, чиј кинематографер е Јинсонг Донг. Во ова кинеско-француско остварување, водач на банда во бегство бара прошка, а девојче во неволја ризикува сè за да се избори за слобода… И двајцата ги ловат на скриените брегови на Езерото на диви гуски. Тие поставуваат смртоносна замка на она што може да биде нивен последен ден…